Централната лабораторија на МЖСПП доби сертификат за систем за квалитет ISO 17025

Сподели

 

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нурeдини информира дека Одделението за Лабораторија и теренски мерења (Централна лабораторија), на Министерството за животна средина и просторно планирање, официјално го доби сертификатот за системот за квалитет според стандардот ISO 17025 за акредитирана лабораторија, при што сертифицираше 7 методи за тестирање, од кои 6 се за квалитет на вода и една за бучава.

 

 

Со воведувањето на системот за квалитет според стандардот за акредитирана лабораторија и сертифицирање на 7 методи од страна на Институтот за акредитација, Лабораторијата доби признание за својата работа и сега останува да се прошири бројот на методи кои ќе бидат акредитирани во секоја наредна година, информираше министерот.

Во наредните фази е планирана и акредитација на методи за квалитет на воздух, а во Буџетот за 2021г. се обезбедени средства за набавка на инструмент за мерење на емисии од стационарни извори, за што во најскоро време ќе се поведе постапката за набавка.

 

 

Во тек  е проектната активност за набавка на инструмент кој користи нуклеарни технологии за анализа на составот на PM честичките (X-RayF).  Инструментот е во вредност од 61.700,00 евра и е испорачан од депото на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) од Виена, и се очекува да пристигне наредниот месец, додаде министерот. 

Овој инструмент ќе се користи за анализа на концентрации на тешки метали во фракциите на PM10 честичките, што овозможува утврдување на главните сектори на загадување (индустрија, транспорт, домаќинства итн.). Овие анализи ќе овозможат да се направи приоретизација на мерките за намалување на аерозагадувањето.

Дополнително, во склоп на Регионалниот проект на IAEA – RER7011, Централната лабораторија за животна средина на МЖСПП доби уште еден инструмент Multi-wavelength Absorption Black-Carbon Instrument (MABI), во вредност од 4.700,00 Евра, кој ќе се користи за анализа на Black carbon во фракции на PM10.