Ципрас до Мицотакис: Некој да го потсети на поговорката со овчарот и овците, на крајот ќе дојде волкот и никој нема да му верува на овчарот

Сподели

Владата ќе се држи до она што го предвидува Договорот, а желба е да постои најголемо можно парламентарно мнозинство, коментираат од Кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас во однос на Договорот со Македонија.

– Желба на Владата е Договорот за решение на проблемот што со години ѝ тежеше на нашата надворешна политика да има најголемо можно мнозинство во Парламентот. Штом другата страна ги исполни обврските што произлегуваат од Договорот, Владата ќе донесе одлуки што се однесуваат колективно на процесот на ратификација, секогаш почитувајќи ги меѓународните обврски и Уставот на земјата – коментираат од Кабинетот на грчкиот премиер.

Од Кабинетот на Ципрас потсетуваат дека грчката страна даде согласност за почеток на преговори за нашата земја, кои ќе резултираат со протокол за интеграција, „само доколку успешно завршат уставните реформи и референдумот“, нешто што најрано ќе заврши на крајот од годината.

– Потоа, грчката Влада ќе ги донесе за ратификација во грчкиот Парламент како Договорот, што стапува во сила само по ратификација и од двете страни, така и протоколот за интеграција на соседот во НАТО, што ќе произлезе само доколку соседот ги исполни горенаведените услови. Грчката Влада е коалициска влада од две партии и функционира колективно, секогаш во рамките што ги одредуваат Уставот и законите – соопштуваат од Кабинетот на грчкиот премиер.

Во коментарот од Кабинетот на Ципрас упатуваат критики до лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис дека континуирано бара избори, му порачуваат дека Владата ќе го заврши четиригодишниот мандат и велат „некој да го потсети на поговорката со овчарот и овците, на крајот ќе дојде волкот и никој нема да му верува на овчарот“.

Соопштението – коментар од Кабинетот на премиерот на Грција следи откако лидерот на Независни Грци, коалицискиот партнер во владата и министер за одбрана, Панос Каменос одржа вонредна прес конференција и на која рече дека за Договорот од Преспа треба да одлучи народот на референдум или избори, доколку не биде изгласан со зголемено мнозинство од 180 пратеници.

МИА