Ципрас: Најважна награда е мирниот соживот меѓу двата народи

Сподели

Со Договорот од Преспа придонесуваме за мирен соживот, солидарност, соработка, пријателство и мир меѓу двата народи, но и во поширокиот регион и тоа е најважната награда, рече премиерот на Грција, Алексис Ципрас, во однос на номинацијата за Нобеловата награда за мир за него и неговиот македонски колега.

Говорејќи на настанот „Прогресивна алијанса за демократска и социјална Европа“ на која шефот на европратениците од СИРИЗА и потпретседател на ЕП, Димитрис Пападимулис, го презентираше сработеното во Европскиот парламелнт, Ципрас се потсети на посетата и средбата со Бушамауи од Тунис, добитничка на Нобеловата награда за мир во 2015, чија беше и првичната иницијатива, јави дописничката на МИА од Атина.

– Одговорив и му напишав на Зоран Заев една порака дека за нас, за мене, а верувам и за премиерот на Северна Македонија, дека најважната награда од сите награди е фактот дека преку овој договор придонесовме за воспоставување мирен соживот, солидарност, соработка, пријателство и мир во поширокиот регион, но и меѓу нашите народи и оваа награда не може да се спореди со никоја друга награда – рече грчкиот премиер.

Алексис Ципрас говореше за прогресивните сили и прогресивните влади и истакна дека кога тие преземаат одговорност, тогаш докажуваат дека заедно можат да решат проблеми за подобра иднина на народите и регионот, особено за Балканот каде што главната перцепција „не беше компромисот и консензусот, туку националистичката омраза и конфликтите“.

– Доаѓаме денес и кога велам ние не мислам на личностите, туку на политичките сили и во Грција и во Северна Македонија, кои се здружија во обидот да се судрат со доминантната реторика на национализмот, на квази-патриотизмот, на импресионирањето, на емоционалноста, за да дадат решение за перспективата на народите, за иднината. Ние докажуваме нешто многу, многу важно. Во пракса докажуваме дека кога постојат прогресивни влади и сили кои имаат храброст и не се двоумат пред политичката цена за да ги одбранат вредностите, тогаш целата позната историја на Балканот може да се маргинализира и да се испише историја што се однесува и на минатото, но во главно на сегашноста и иднината на народите – порача грчкиот премиер.

Ципрас, говорот го почна со фактот дека Договорот од Преспа беше ратификуван на 25 јануари, на истиот ден кога СИРИЗА пред четири години за прв пат дојде на власт, а тој за прв пат стана премиер на 25 јануари 2015.

– Неверојатна коинциденција е завршувањето пред три дена во Парламентот на еден договор од историско значење, ратификацијата на Договорот од Преспа што се поклопи со четиригодишнината од преземањето на власта од СИРИЗА. Тоа беше коинциденција кон која очигледно е дека не се стремевме, ниту јас ниту претседателот на Парламентот – коментираше Ципрас.