ЦИВИЛ: Иницијатива „Обединети во различноста” – интервју со познатиот уметник и дизајнер Зоран Кардула

Сподели

 

ЦИВИЛ со иницијативата „Обединети во различноста” најавува богатство од медиумски содржини. За утре, 29 октомври, ЦИВИЛ најавува интервју со познатиот ликовен уметник и дизајнер, Зоран Кардула. Неговиот специфичен ликовен израз претставува вистинско богатство кое овој уметник, интелектуалец и активист ѝ го подарува на јавноста преку своите визуелни пораки. За неговите мисли и ставови говорат неговите зборови, а уште повеќе неговите уметнички и дизајнерски дела што ги креира како драгоцен придонес кон оваа Иницијатива.

 

 

Иницијативата „Обединети во различноста“ во соработка со Министерството за надворешни и европски прашања на Луксембург започна на 15 октомври. Во наредните недели, медиумската платформа на ЦИВИЛ ќе објави голем број содржини за деконструкција на националистичките наративи и надминување на национализмот и етничката омраза во нашето општество..

Тимовите на ЦИВИЛ веќе започнаа со снимање на пораките од јавните личности кои ѝ се придружија на оваа Иницијатива. Гласот на граѓанките и граѓаните, креаторите на јавното мислење, јавните личности и граѓанското општество ќе бидат слушнати преку низа статии, изјави и интервјуа во пишана и видео форма.

Македонското општество е мултикултурно, мултиконфесионално и мултиетничко. Овој факт на реалноста ги претставува и убавината и големите потенцијали на земјата. И со овој проект, ЦИВИЛ испраќа силна порака против национализмот и ги повикува граѓанките и граѓаните да продолжат со поддршката на иднината на Северна Македонија во ЕУ.

Пораката е да бидеме “Обединети во различноста”. Да работиме за мир и просперитет и истовремено да го осознаеме богатството што произлегува од нашите различни култури, традиции и јазици.

Како и секогаш, ЦИВИЛ останува отворен за сите што сакаат да придонесат кон иницијативата со прашања, коментари, статии, фотографии и видеа во контекст на различностите.