Караванот на слободата пристигна во Скопје.
За таа цел ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повикува своите членови, поддржувачи и граѓански активисти да бидат дел од Караванот на слободата.
Овие три дена се организираат активности со кои ќе се претставува програмата на Караванот на слободата во Скопје. Преку мегафони, музика и информативни материјали, активистите ги информираат скопјани за големиот мултимедијален настан на Караванот на слободата што ќе се одржи во сабота, на Сквер Јадран, со почеток во 20:00 часот.
Една екипа, со возило на Караванот на слободата возеше низ општините Карпош, Аеродром и Чаир, каде што преку мегафон ги информираа граѓаните и со избор на музика, ги повикуваа на големиот настан што ќе се одржи во сабота на Сквер Јадран.
Друга екипа на ЦИВИЛ низ центарот на Скопје делеше информативен материјал и организираше видео и фото – петиција за поддршка на Караванот.
Караванот на слободата досега одржа шест големи мултимедијални настани во Велес, Струмица, Кавадарци, Тетово, Куманово и Штип.
Концертот во Скопје е завршниот настан на овој проект. Помеѓу музичките настапи, публиката ќе може да ужива во поетските перформанси на Елена Пренџова, Дарко Лешоски, Дијана Тахири, Рина Јанкуловска.
За време на целиот настан ќе се одржува уметничка работилница на отворено со Мирослав Стојановиќ – Шуки, Касиопеја Наумовска и Тома Димовски, како и многу други мултимедијални содржини.