ЦИВИЛ на Меѓународниот ден на толеранцијата, ги повика политичките субјекти и институциите да се борат против говорот на омразата

Сподели

 

На Меѓународниот ден на толеранцијата, 16 ноември, ЦИВИЛ потсетува  и повикува на јакнење на јавната свест за опасностите од нетолеранција, ги промовира и универзалните човекови права и слободи, почитување, прифаќање и уважување на различноста, волја и способност за обединување на различностите е независно од политичките, верските, расните, сексуалните и други убедувања. 

Граѓанките и граѓаните се повикани да негуваат взаемна солидарност, почит и разбирање, да ги почитуваат различностите во секојдневната комуникација и во воспитувањето на младите генерации. 

Образовните и културните институции, медиумите и граѓанското општество се меѓу најповиканите да спроведат програми за едукација на младите генерации за потребата од изградба на толерантно, инклузивно и мирољубиво општество во кое се почитуваат различностите како квалитет и предност. 

ЦИВИЛ препознава дека има големи и позитивни достигнувања во промоцијата на толеранцијата и со политички и институционални проекти и практики. Сепак, општеството останува длабоко поделено како последица од реториката и дејствувањето на одредени политички структури кои редовно произведуваат говор на омраза, дезинформации, од кои неретко произлегува и насилство во различни форми. 

Нашите стремежи се насочени кон највисоките, универзални вредности, како што е неприкосновеното почитување на човековите права, почитување на различностите во секој аспект, препознавање на поинаквите вредности и запознавање со непознатите, кон ненасилен, односно мирољубив пристап кон решавање на каков било конфликт.   

ЦИВИЛ повторно ги повикува надлежните институции да преземаат соодветни мерки во однос на непрекинатиот говор на омраза, да ја отфрли праксата на неказнивост за секој што промовира, користи и поттикнува говор на омраза. 

И оваа година, ЦИВИЛ упатува порака до сите граѓанки и граѓани, политички субјекти и државни институции да се придржуваат кон високите морални принципи за толеранција и да се борат против говорот на омразата и црната пропаганда кои предизвикуваат хаос и деструкција.