ЦИВИЛ: Преку 2.000 потписи за иницијативата „Крај за расипништвото“

Сподели

 

ЦИВИЛ денеска објави дека Иницијативата #КрајЗаРасипништвото до сега ја потпишале над 2.000 граѓанки и граѓани. Поточно, во моментот на објавување на оваа информација, својата поддршка ја дале точно 2.202 потписнички и потписници.

Организацијата на својата Фејсбук страница повика: „Споделете ја со своите пријателки и пријатели, разговарајте и коментирајте. Придонесот на секој поединец е од непроценлива вредност. ЦИВИЛ ви благодари за поддршката!“ Од Организацијата информираат дека следните чекори ќе бидат најавени во текот на месец август, а конкретни чекори ќе се преземат веднаш по завршувањето на годишните одмори на македонските народни избраници.

ЦИВИЛ формираше граѓанска работна група за спроведување на Иницијативата #КрајЗаРасипништвото на 5 јуни 2019, кога се одржа и трибина на истата тема. Прв чекор на ЦИВИЛ и Работната група е онлајн петиција со барања за укинување на привилегиите: Иницијатива за укинување на привилегиите – #КрајЗаРасипништвото.

Со Иницијативата се бара, меѓу другото укинување на привилегиите на функционерите на локално и државно ниво, вклучително и раководителите на државни агенции и други институции. Поточно, Иницијативата се однесува на функционери, именувани или избрани, на локално или државно ниво.ЦИВИЛ ја покрена Иницјативата #КрајЗаРасипништвото со која се бара сите привилегии да се укинат, односно да се редуцираат до ниво што е прифатливо за една сиромашна земја која се декларира како социјална држава, според Уставот.

Барањата од ЦИВИЛ и граѓанките и граѓаните подразбираат сериозни, искрени и доследни интервенции во: Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието, Законот за пратениците, Законот за правата на претседателот, како и во низа други закони, деловници, правилници и друга регулатива што овозможува расипничко трошење на јавните пари и злоупотреби на моќта на локално и национално ниво.

Иницијативата започна со соопштение на ЦИВИЛ на 14 мај, за потоа, организацијата, во присуство на голем број медиуми, да достави барања до парламентот на 17 мај, во пет минути до 12 часот. Неколку политичари, меѓу кои и Претседателот Стево Пендаровски, ја дадоа својата поддршка веднаш и во деновите по почетокот на иницијативата.

На трибината „Крај за расипништвото“ што на 5 јуни ја организираше ЦИВИЛ – Центар за слобода, заинтересираните граѓанки и граѓани имаа можност подетално да се запознаат со барањата на ЦИВИЛ кои се однесуваат на намалување и укинување на привилегиите на јавните функционери.

По презентацијата на барањата на ЦИВИЛ, сите присутни ја искористија можноста јавно да ги изнесат своите ставови и конкретни предлози на оваа тема. Исто така, се одржа и работна средба на која се формираше Граѓанската работна група за спроведување на Иницијативата #КрајЗаРасипништвото. Се донесе одлука, како прв чекор, да се поведе и онлајн петицијата, а истовремено се работи на конкретни предлози и во насока на укинување, односно редуцирање на привилегиите и поголема контрола на трошењето на парите на граѓанките и граѓаните.

 

ЦИВИЛ Тим за комуникации