ЦИВИЛ: Сопрете го Путин! Слободата и мирот за Украина се слобода и мир за целиот свет!

Сподели

 

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја осудува воената агресија врз Украина што започна на 24 февруари. Воените операции извршени уште во првите часови од целосната инвазија врз оваа земја сеат страв и ужас кај цивилното население со очигледна намера животот на цивилите да се претвори во оружје на војната.

Воениот акт на Руската федерација е целосно неоправдан. Светот е сведок на еден неиспровоциран напад врз една независна, суверена, мирољубива и демократска земја. Долгогодишната окупација на дел од Украина во 2014 година и започнувањето на тотална инвазија во 2022 година е директен напад врз слободата и демократијата во целиот свет.

Војната што ја поведе Путин е војна и против човековите права и слободи на руските граѓанки и граѓани!

Не се работи само за територии и ресурси, не се работи само за воени цели. Се газат фундаменталните човекови права и слободи на цивилите во Украина. Со оваа ужасна војна чии размери ги надминува само апсурдот и амбициите на еден моќник, се газат човековите права и слободи на целиот свет.

Со воената агресија врз Украина се уништуваат можностите за демократски развој и целосно се загрозуваат безбедноста, мирот и благосостојбата на целиот свет. Војната што ја поведе Путин е војна и против човековите права и слободи на руските граѓанки и граѓани.

Слободата и мирот во Украина значат слобода и мир за целиот свет!

Затоа, ЦИВИЛ ги повикува руските граѓанки и граѓани да се исправат против антидемократскиот и воинствен режим на претседателот Путин и да ја искажат својата поддршка на слободата на Украина, бидејќи тоа е и нивна слобода!

Сега е време кога овој режим треба да се сопре еднаш засекогаш. Денес, повеќе од било кога порано, слободата и мирот во Украина значат слобода и мир за целиот свет. А тоа значи и слобода и мир за граѓанките и граѓаните на Русија.

НЕ на Путин, НЕ на војната и ДА за слободата, демократијата и мирот!

ЦИВИЛ, како организација за човекови права упатува гласна и недвосмислена поддршка и солидарност со сите украински граѓанки и граѓани и властите во Киев. Организацијата стои на располагање да направи сѐ што е можно да помогне во ова тешко време за Украина и за целиот свет. Исто така, ЦИВИЛ е на располагање да им помогне на сите слободољубиви и мирољубиви луѓе на Русија и ги повикува да извршат висок патриотски и човечки чин – да му кажат НЕ на Путин, НЕ на војната и ДА за слободата, демократијата и мирот!

Барањата за мир се висок патриотски чин!

Барањата за прекин на воените дејствија и за мир, барањата за одговорност за човечките страдања се висок патриотски чин, а не предавство, како што се обидуваат да го прикажат режимските медиуми во Русија. Жртвата поднесена од руските мировни активисти е неспоредлива со жртвите и страдањата на цивилите.

Да се сопре воинствениот деспот во Кремлин!

Слободољубивиот руски човек денес треба да побараат руските генерали да не дејствуваат против слободата на еден мирољубив народ, да побараат од полицијата да не дејствуваат против мирните демонстранти. Напротив, тие треба да дејствуваат во поддршка на демократијата, слободата и мирот. Тоа значи дека највисока цел на руската армија и полиција сега не е во Киев, туку во Москва. Претседателот Путин веќе одамна треба да одговара за газењето на човековите права во Русија. Сега е последната шанса, тоа и да се направи – да се сопре воинствениот деспот во Кремлин!

#ПоддршкаЗаУкраина

#StandWithUkraine