ЦИВИЛ – Центар за слобода, како организација со долгогодишно искуство во изборниот мониторинг, оценува дека изборниот процес за „ре-избор“ на рускиот претседател претставува флагрантно кршење на сите демократски принципи и стандарди.
Нема услови за фер и демократски изборен процес во Руската Федерација. Таканаречените избори ќе бидат злоупотребени само за дополнително угнетување на населението во таа земја, веројатно најжестоко од распадот на Советскиот Сојуз наваму.
Политичкиот контекст во кој се одржуваат руските избори во 2024 година е диктаторски, во услови на целосна контрола и воена цензура во медиумите. Опозицијата во Русија е ефективно уништена, особено по убиството на главниот опозициски лидер Алексеј Навални на 16 февруари 2024.
Оваа констатација за „изборите“ организирани од путиновската клика уште повеќе се однесува на окупираните територии во Украина и Транснистрија во Молдавија. Тие можат да се опишат само како крајно нелегални и нелегитимни, избори под брутална закана со насилство и оружје.
Одржувањето на таканаречените избори за претседател на Руската федерација на окупираните територии во Украина, под закана од репресии и тортури, претставува континуирано продолжување на кршењето на нормите и принципите на меѓународното право.
Земајќи ја предвид Повелбата на ОН, Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, Женевската конвенција за заштита на цивилното население во време на војна, одржувањето на вакви избори од страна на државата агресор на суверената територија на Украина се незаконско дејствие,и според тоа, резултатите од таквите претседателски избори нема да имаат никакви правни последици.
ЦИВИЛ ја повикува меѓународната јавност и владите на демократските земји ширум светот да ја осудат најновата кампања на Путин која тој ја нарекува „избори.“ Понатаму, ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните на Русија, како и на окупираните територии, да се спротивстават на диктаторот од Кремљ./ ЦИВИЛ