На бездомниците им се отворени врати во пунктот на Црвениот Крст, поради високите летни температури.
Даут и уште педестина бездомници од главниот град најдоа спас од пеколните горештини. Бањање, вода за пиење, лесна храна и витамински пијалоци се услугите кои ги добија во пунктот на Црвен Крст во Момин Поток. Даут кој 4 години е без дом и семејство вели дека е добро што има кој да мисли на нив.
– Многу е топло и овде имаме храна, вода…, на ова топло време нема кај да се сокриеш, Овде се дружиме и така бегаме од горештините, вели Даут бездомник.
Владата ги усвои препораките на министерството за здравство за заштита од топлотен бран, меѓу кои е и помошта за старите и изнемоштени лица и бездомниците од страна на локалните власти и Црвениот крст.
– Работиме два дена во неделата, вторник и петок, секако овде доаѓаат, се бањаат, добиваат чиста облека а оние кои не сакаат ние имаме тимови кои патролираат и им даваат вода, велат од Црвен Крст.
Лекарите ги советуваат граѓаните да не излегуваат без потреба од 11 до 17 часот. Повеќе од 10 минути директна изложеност на сонце може да доведе до топлотен удар.
– Нема правило, но секако, колку подолго останете ризикот да се онесвестите и доживеете топлотен удар е голем. Многу течности и придржување до препораките, особено на хронично болните кои примаат терапија, велат од Брза Помош.
Според најавите, денеска ќе биде најтоплиот ден со температури до 42. Освежување и разладување доаѓа од понеделник кога температурите ќе паднат за 10 степени.