Спасовски на Министерски форум за правда и внатрешни работи меѓу ЕУ и Западен Балкан

Сподели

 

Денeска, под покровителство на германското претседателство со Советот на ЕУ, министрите за правда и за внатрешни работи на Германија, заедно со Европската комисија, претставувана од Европскиот комесар за соседска политика и проширување, Европскиот комесар за миграција, внатрешни работи и државјанство и Европскиот комесар за правда, потрошувачи и родова еднаквост, преку видеоконференциска врска одржаа состанок со нивните колеги од земјите на Западен  Балкан на годишниот  Министерски форум за правда и внатрешни работи меѓу Европската Унија и Западен Балкан.

На работните сесии на Форумот заедничките дискусии беа насочени на теми поврзани со миграцијата, ефективното гранично управување, заедничката борба против тероризмот и превенцијата од насилниот екстремизам, како и борбата против организираниот криминал, со посебен осврт на илегалната миграција, трговијата со оружје и трговијата со дрога.

 

 

Министерот за внатрешни работи  Оливер Спасовски  во своето обраќање изрази  задоволство што и во овие вонредни околности предизвикани од пандемијата заедничката соработка продолжува. „Во тој контекст, единствено преку размена на мислења и ставови можеме да креираме заеднички политики за справување со новите предизвици. Пандемијата  можеби ја наруши можноста од директни средби, но нашата потреба од соработка во регионот и со нашите партнери од Европската Унија е поизразена од кога и да било претходно“, рече министерот Спасовски Министрите се согласија дека регионот на Западен Балкан продолжува да биде под значителен миграциски притисок и разговараа за тековните предизвици, вклучително и во контекст на пандемијата ковид-19 и нејзиното влијание врз движењето на луѓето. На наведениот Форум претставниците од Европската Унија и земјите од Западен Балкан го потврдија заедничкиот интерес за зголемување на билатералната соработка за поефикасно управување со миграцијата. Во тој контекст, министрите изразија поддршка за зголемување на регионалната размена на информации во регионот на Западен Балкан. „Успешната борба против илегалната миграција и криумчарењето мигранти е најдобро рефлектирана во заедништвото и партнерството, кое на дневна основа го применуваат нашите полициски службеници со нивните колеги од земјите од регионот и ЕУ. Оттаму, во оваа пригода би сакал да изразам посебна благодарност до нашите партнери, кои и во овие тешки времиња ги испратија своите полициски службеници на нашата јужна граница за да можат заеднички, со колегите од Република Северна Македонија, да се справуваат со сериозните миграциски предизвици“, истакна министерот Спасовски.

 

 

Во однос на тероризмот и насилниот екстремизам, претставниците од Европската Унија го поздравија напредокот постигнат од страна на земјите од Западен Балкан во исполнувањето на целите утврдени во заедничките акциски планови за борба против тероризмот. Истовремено, министрите за внатрешни работи од Западен Балкан ја изразија својата подготвеност и решителност за продолжување со исполнување на обврските од наведените акциски планови и во наредниот период, во текот на 2021 година.