Светската метеоролошка организација, како наследник на Меѓународната метеоролошка организација, формирана во 1873 година, ја има својата основна мисија да ги поддржи земјите на светот во обезбедување на метеоролошки и хидролошки услуги со цел за заштита на човечките животи и имот од природните непогоди поврзани со времето, климата и водите, за зачувување на животната средина и за придонес кон одржив развој.
Од 1961 година, Светскиот метеоролошки ден го одбележува датумот 23 март 1950 год. кога стапува на сила Конвенцијата за основање на Светската метеоролошка организација со тема од значаен интерес, а темата за оваа година е “Навремени предупредувања за рана акција“.
Целта е да се одбележат големите достигнувања на националните метеоролошки и хидролошки служби во усовршувањето на системите за рано предупредување во последните години. Истовремено се нагласува виталната работа на заедницата која работи на намалувањето на ризикот од катастрофи да осигура дека овие рани предупредувања водат кон рана акција.
Управа за хидрометеоролошки работи, како национална служба која ги спроведува препораките на СМО во својата дејност за обезбедување на функционален мониторинг на времето и климата, рана најава на неповолните временски појави и прогнози на времето, како и ефикасна примена на климатските истражувања во сите сектори, оваа година ќе го одбележи Светскиот метеоролошки ден со скромен настан на 23 Март 2022.