Украинските воени сили денеска обвинија дека Русија извршила хемиски напад во Мариупол со неидентификувана отровна состојка, јавува Укринформ. Тие ја пренесуваат изјавата на основачот на баталјонот Азов, Андриј Билетски дека синоќа било употребено хемиско оружје од руските сили, кои се обидуваат целосно да го заземат приморскиот град од украинските сили.
Билетски тврди дека нападот бил од помал размер, но дека три лица покажале јасни знаци на труење со воена хемикалија, но без катастрофален ефект. Војниците од баталјонот Азов се обидуваат да го задржат под украинска контрола Мариупол, а нивниот основач вели дека употребата на хемиско оружје единствено покажува оти руските сили не можат да го заземат Мариупол и да ја победат украинската војска.
Би-би-си пишува дека ваквите наводи на украинските сили треба дополнително да се потврдат. Британскиот јавен сервис ја пренесува изјавата на воените сили на Обединетото Кралство дека работат за под итно да ги испитаат украинските наводи. Доколку се пронајде доказ дека е употребено хемиско оружје во Мариупол, „сите опции се во игра“ како меѓународен одговор кон Русија во ваков случај.
Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби пак изјави дека САД засега не можат да потврдат дека Русија употребила хемиско оружје во борбите за заземање на Мариупол, но доколку се потврди, тоа ќе биде длабоко загрижувачка ситуација и Пентагон одблиску ќе ја следи ситуацијата по ова прашање, пренесува Укринформ.
Инаку, Обединетите Нации објавија дека речиси две третини од децата во Украина се раселени поради воената инвазија од Русија. Околу 4,8 милиони деца се раселени во или надвор од Украина откако почна војната пред неколку недели. Украинските власти пак тврдат дека руските сили од почетокот на војната до денес убиле 186 деца при нивните воени напади врз Украина./мета.мк