Украинска амбасада: Со дезинформации и забрането оружје Русија ја ескалира безбедносната ситуација

Сподели

 

Користејќи дезинформациска кампања, гранатирање на украински позиции и цивилна инфраструктура со забрането оружје според договорите од Минск, Русија ја ескалира безбедносната ситуација во Украина, соопшти Украинската амбасада во Скопје.

„Украински државјани живеат од двете страни на линијата на разграничување.  Нивниот мир, безбедност и благосостојба се апсолутен приоритет за Украина“, соопшти Украинската амбасада во Скопје пренесувајќи го ставот на украинското Министерство за надворешни работи.

Оттаму додаваат дека обвинувањата дека украинската влада има намера да започне офанзивна операција на привремено окупираните територии на Доњецката и Луганската област не соодветствуваат со реалноста.

„Украина, исто така, не спроведува ниту пак планира некакви саботажни дејства во Донбас“, велат од Министерството.

Тие категорично ги отфрлаат обидите на Русија да ја влоши и онака напнатата безбедносна ситуација и како што велат, остануваат цврсто посветени на политичко-дипломатско решение и, заедно со партнерите, вложуваат максимални напори за намалување на тензиите и одржување на ситуацијата во согласност со дипломатскиот дијалог.

„Како контраст на тоа, ја набљудуваме Руската Федерација како ја развива својата кампања за ширење на масовни дезинформации, го зголемува гранатирањето на украинските позиции и цивилната инфраструктура, користејќи го оружјето забрането со Договорите од Минск, и ја ескалира безбедносната ситуација“, велат украинските власти.

Тие апелираат до меѓународната заедница, странските држави и меѓународните организации, веднаш да ги осудат провокациите извршени од страна на Руската Федерација „и нејзините окупациски администрации во Донбас кои го поткопуваат процесот на политичко-дипломатско решавање“.

Според нив, отсуството на соодветна реакција или неутрален став само ќе поттикне дополнителна ескалација од страна на Русија.