Поранешниот фудбалер Дејвид Бекам ѝ ја предаде контролата на својот Инстаграм профил на украинска лекарка која работи во градот Харков. Во текот на вчерашниот ден, неговите „Стори“ содржини беа преплавени со видеа и фотографии кои ја следеа Ирина, детски анестезиолог и раководител на Регионалниот перинатален центар и ја следеа нејзината работа во текот на еден ден среде конфликтот, пишува „Гардијан“.
Бекам рече дека на овој начин сака да ја истакне неверојатната работа на медицинскиот персонал кој работи додека Украина се справува со руската инвазија.
Ирина на фановите на Бекам, чиј Инстаграм профил брои над 71,6 милиони следбеници, им го покажа тесниот подрум каде што биле евакуирани сите трудници и мајки во текот на првиот ден од руската инвазија. Таа објави фотографии од новороденчињата во одделот за интензивна нега, каде што се потпираат на генератори на кислород донирани од УНИЦЕФ.
Во едно од кратките видеа, Ирина ја сними и младата мајка Јана како го држи својот син Михаило, кој е роден со проблеми со дишењето и чиј семеен дом бил уништен.
Дејвид Бекам, кој е амбасадор на УНИЦЕФ од 2005 година, ги повика своите следбеници да донираат за добротворната организација која работи во Украина за да им обезбеди пристап до чиста вода и храна на семејствата и да овозможи услови за заштита на децата.
„Благодарение на вашите донации, генераторите на кислород што ги добиваат, им помагаат на новороденчињата да преживеат во овие ужасни услови“, рече Бекам во видео-обраќањето на неговиот профил на Инстаграм пред истиот да ѝ го предаде на докторката.
Харков, вториот по големина град во Украина, е постојана цел на руско гранатирање веќе три недели./meta.mk