Украинските сили „зачудувачки“ напредуваат во источна Украина

Сподели

 

Властите во Кијив соопштија дека украинските вооружени сили молскавично напредуваат во контраофанзивата на истокот на земјата враќајќи голем дел од територијата која ја освои Русија по воената инвазија во февруари, јавува агенцијата Франс прес.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок во меѓувреме пристигна во украинската престолнина во ненадејна посета, за која рече дека треба да ја покаже поддршката на Берлин за Украина во нејзината битка против Русија.

„Украинските трупи напредуваат во источна Украина, ослободувајќи повеќе градови и села. Нивната храброст заедно со воената поддршка од Запад носи неверојатни резултати“, рече портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи Олег Николенко во пост на социјалните мрежи.

„Клучно е да продолжи испраќањето на оружје во Украина. Поразот на Русија на бојното поле значи освојување мир во Украина“, додаде тој.

Неговата проценка за темпото на украинските придобивки дојде откако претседателот Володимир Зеленски доцна во петокот објави дека неговите војници повторно зазеле околу 30 градови и села во североисточниот регион Харкив, како дел од контраофанзивата.

Украинските сили се чини дека ги фатија руските трупи во голема мера неподготвени. Москва објави изненадувачко соопштение дека испраќа засилување во Харкив, со фотографии објавени на државните медиуми на кои се прикажани тенкови и артилерија и возила за поддршка како се движат во колони по земјени патишта./Мета.мк