Украинците во земјава на протест, потсетија на злосторствата извршени врз нивната татковина

Сподели

 

Здружението на Украинците во земјава „Лесја Украинка“ денеска организираше мирен протест во Скопје против руската воена агресија врз Украина. Протестот започна во 12 часот на детското игралиште зад Универзална сала, а заврши пред амбасадата на Руската федерација во Скопје.

Преку транспаренти и илустрации, присутните ја искажаа загриженоста за случувањата во нивната татковина и побараа Русија да престане со агресијата и „да ги тргне рацете од Украина“.

Во игралиштето позади Универзална сала, кое инаку е донација од Руската амбасада во Скопје, врз таблите со имиња на руски градови беа прикачени слики од уништените градови во Украина откако Русија ја започна својата агресија. Поставени беа и фотографии заедно со испишаните имиња на малолетници кои загинале од раката на руските агресори.

фото: Мета.мк

 

Пред Руската амбасада во Скопје, пак, беа изложени написите „Терорусија“, „Го поддржуваш Путин = убиваш деца“, „Украина под напад“.

Присутните поддржувачи на Украина потсетија на застрашувачките бројки на загинати украински цивили, но и на загубите што ги претрпеа руските агресори.

Од Здружението „Лејса Украинка“ посочија дека протестот се организира за да потсетат на злосторствата извршени врз Украина и на одземените невини животи, вклучително и на децата.