Уништени 8 воени авиони во нападот врз руската база на Крим

Сподели

 

Најновите сателитски снимки од 10 август од руската воена база Саки на Крим покажуваат големи штети и уништени руски воени авиони по експлозиите кои се случија завчера во рамките на оваа воздухопловна база, пишува Гардијан. Во експлозиите се уништени најмалку осум воени авиони, а засега останува нејасна причината поради која настанале експлозиите.

Украинските власти засега не ја презедоа одговорноста за нападите, иако во изминатиов период со современата воена помош од западните земји успеаја да погодат неколку стратешки инфраструктурни објекти на окупираните територии на југот на Украина. Руските власти пак тврдат дека причина за експлозиите била детонацијата на муниција. Сепак, Гардијан пишува дека можно е експлозиите во воздухопловната база да се последица на украински саботери, кои успеале да ја нападнат базата.

Гардијан ги пренесува информациите и на Франак Виачорка, советник на белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановскаја, кој тврди дека најмалку осум експлозии се слушнале во регионот Гомељ во Белорусија, во близина на границата со Украина. Експлозиите се слушнале во близина на воздухопловната база Зјабраука, каде што вообичаено се стационирани руски борбени авиони. Министерството за одбрана на Белорусија објави дека воени вежби се одвиваат на нејзина територија, но засега нема потврда дали експлозиите се резултат на ваквите вежби.

На првите линии на фронтот, борбите продолжуваат во Донецкиот регион. Руските власти тврдат дека го освоиле населеното место Писки во близина на градот Донецк, но украинските сили ги демантираат ваквите информации. Сепак, украинските власти признаваат дека руските сили напредуваат кон населените места Маринка и Писки, пишува Укринформ.

Укринформ ги пренесува податоците на Институтот за проучување на војната за формирање на дополнителен баталјон од доброволци во рускиот регион Орел, каде што локалниот гувернер Андреј Кључков објавил дека ќе се формира баталјон со лица на возраст од 18 до 60 години кои ќе бидат испратени во Донбас. И чеченскиот лидер Рамзан Кадиров изјави дека 10.000 чеченски доброволци чекаат да бидат испратени на фронтот, пишува Украинформ. 

Загубите на руските војници од почетокот на воената агресија врз Украина на 24 февруари е една од темите за кои има спротивставени податоци од двете страни. Украинските воени власти тврдат дека досега се убиени околу 43.000 руски војници, додека руските власти нередовно ги надополнуваат загубите во човечки животи во Украина.

Сепак, Амбасадата на Узбекистан во Русија ја предупреди многубројната узбекистанска дијаспора која работи во оваа земја дека било каква форма на учество во руската инвазија во Украина е казнива според законодавството на Узбекистан со 10 години затворска казна. Амбасадата ги предупреди узбекистанските граѓани да останат настрана од било каков ангажман во воени активности во Украина./Мета.мк