Уставен суд може да ги спаси од барок ГТЦ, МОБ и Универзитетска библиотека

Сподели

REFERENDUM-ZA-gtts-24APRIL2015-1-670x371

Уставниот суд на Република Македонија е последната институција што може да ги спаси од барок Градскиот трговски центар (ГТЦ), Македонската опера и балет (МОБ)  и Националната универзитетска библиотека  „Св.  Климент Охридски“ (НУБ), откако Владата овие објекти ги прогласи за објекти од посебен интерес и му ја зеде ингеренцијата на општина Центар за нив, пренесува СДК.

Граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“  ја разгледува можноста да ги обжали на Уставен суд  одлуките на Владата од почетокот на овој месец, со кои овие објекти се прогласуваат за објекти од посебен интерес заради изработка на планско урбанистичка документација за нив. Со оваа постапка се отстранува и последната пречка за преслекување во барок на овие објекти – Општина Центар оти градоначалникот Андреј Жерновски најави дека нема да дозволи ширење на барокот. Со статусот објекти од посебен интерес, за овие објекти Општината нема никакви ингеренции. Плановите за нив ги прави државната Агенција за планирање на просторот, документацијата ја подготвува Министерството за транспорт и врски, а одобренијата за градење место Општината и Градот, како за сите останати градби, ги издава Град Скопје.

„На ГТЦ му ја тргнаа заштитата како културно наследство во 2012 година за сега да го прогласат за објект од посебен интерес што јасно укажува дека се работи за груба манипулација. Статусот културно наследство е многу позначаен од објект од посебен интерес, токму затоа ги разгледуваме можностите и формите за да поведеме иницијатива пред Уставниот суд за понуштување на овие одлуки“, вели Даница Павловска од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“.

Таа најави дека уште еднаш ќе го обноват и барањето до Владата за мораториум на проектот „Скопје 2014“ што подразбира целосно запирање на градбите од овој проект. Едно ваково барање иницијативата веќе испрати до Владата и до поранешниот премиер Никола Груевски, но иако помина повеќе од една година, одговор нема, а не сопира ни градењето.

Архитектите кои го следат обидот за барокизација на ГТЦ велат дека за да се почне со градежни активности станати се само финеси. Завршени се и основниот и изведбениот проект, а се чека согласност од ИЗИИС за статиката и противпожарна согласност од МВР.

Во Асоцијацијата на архитекти на Македонија велат дека не се изненедени од последните случувања во врска со ГТЦ. „Власта систематски работи на отстранување на сите легални препреки за реализација на барокот. Со симнување на заштитата на објектот, измена на закони и можноста некои објекти да бидат прогласени за “објекти од посебна важност”,  се отвори можност за заобиколување на нормалната процедура за добивање на дозвола за градба. Оттука одлуката ГТЦ (со уште неколку објекти) сега и дефакто да биде прогласен за објект од посебна важност, е на некој начин очекувана ако се следат потезите кои ги влече власта по ова прашање“, велат од ААМ и потсетуваат дека тајмингот не е случајно одбран, во време на летните одмори, за на мала врата да се протурка намерата со што помал одек и реакции во јавноста.

„Ставот на ААМ по ова прашање е дециден. Ние остро се спротивставуваме на ГТЦ да му се смени автентичниот изглед и функционалното решение. Овој став јасно сме го искажале изминативе неколку години и сме презеле голем број на активности. Ги следиме последните настани на оваа тема и планираме и во иднина да  ги превземеме сите легални средства кои ни се на располагање како и разни граѓански активности со цел да ја добиеме битката за ГТЦ иако, како што сме навеле многу пати битката е нерамноправна“, велат во Асоцијацицијата на архитекти на Македонија.

Барокот за ГТЦ го осмислија Жарко Чаушевски и Филип Богатинов. Според нивниот проект трговскиот би се надградил за уште еден кат, би се затворил од сите страни и би се направиле влезови со антички столбови, а  на покривот предвидени се три куполи како оние на Собранието и скулптури.

За барок на МОБ и на Универзитетска библиотека се уште нема проекти, но и за нив Владата донесе одлука да се прогласат за објекти од посебен интерес заради изработка на урбанистичко-планска документција, терминологија зад која, според архитектите, се крие најавата за преслекување во барок.

Обид да го сопре барокот за ГТЦ во 2014 година имаше градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски. Тој побара од Уставниот суд да ја преиспита измената на Законот за градба односно членовите кои предвидоа за објектите од посебен интерес општината да нема ингеренции  и место општината одобренијата за градење да ги издава Град Скопје. Една година подоцна, во 2015 година, Уставниот суд ја отфрли инцијатива на градоначалникот за приспитување на измените во Законот за градба.

Од Општина Центар, и по последните одлуки на Влада, најавуваат дека нема да дозволат барок за ГТЦ за МОБ и за Универзитетка библиотека, но не кажуваат какви мерки ќе преземат за да го спречат преобликувањето.

извор: Сакам да кажам