Уставниот суд ја промовира новата веб-страница на којашто се поставени сите информативни содржини поврзани со работењето на Судот и тековните активности.
Во насока на зголемување на транспарентноста преку новиот веб сајт граѓаните имаат увид во сите одлуки и решенија на Судот од 1991 година до денес преку алатката за пребарување која со клучен збор е едноставна и лесна за користење.
Како особено значајна новина е категоријата на финансиската транспарентност, преку која се овозможува преглед на Буџетот на Судот, завршните сметки, јавните набавки, сите склучени договори. Исто така овој нов веб сајт им овозможува на граѓаните да се обратат директно до претседателот на Уставниот суд, да ги преземат обрасците за поднесување на иницијативи или барања за заштита на слободи и права.
Граѓаните може да се информираат за надлежностите на Судот, историјатот и правната положба, достапни се сите информации во врска со составот и организацијата на Уставниот суд, основните и правните акти, правилници и сите документи.
Согласно потребите за посеопфатно информирање на граѓаните за Уставниот суд, но и поради честите напади во последната година, Судот активно работеше на обновување на веб страницата.
Новата веб-страница ја изработи советникот Ивица Трајковски, во секојдневна координација со претседателот на Судот, д-р Дарко Костадиновски и портпаролката Христина Беловска.
Страницата ќе биде дополнета со бројни содржини и во периодот којшто следи, а согласно потребите на граѓаните и на новинарите и нивно квалитетно и објективно информирање. Веб-страницата е достапна на https://ustavensud.mk/