До утре на полноќ политичките партии и независните кандидати ќе треба да ги достават листите на кандидати за пратеници до Државната изборна комисија (ДИК), кога истекува рокот за пријавување. Дотогаш ќе трае и увидот во избирачкиот список.
Досега само Социјалдемократскиот сојуз ги утврди комплетните кандидатски листи со кои ќе настапи на предвремените парламентарни избори. Претходно Демократската партија на Албанците објави дека нивниот лидер, Мендух Тачи, ќе биде носител на кандидатската листа во шестата изборна единица.
Од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека законска обврска е да ги достават листите до петок на полноќ (11 ноември), а за тоа како и дали ќе ги промовираат, ќе известат дополнително.
Од ДИК велат дека откако партиите ќе ги достават листите, Комисијата има рок од 48 часа да ги разгледа. Доколку нешто не е во ред со имињата на листите и треба да се поправи или дополни, тие им се враќаат на партиите, кои, пак, имаат уште 48 часа да реагираат и да ги вратат исправни.
Еве што уште остана да се сработи за изборите на 11 декември:
11 ноември (утре) – ДИК треба да ги објави описите на изборните единици;
18 ноември – ДИК мора да ги објави во дневен печат листите со кандидати за пратеници;
21 ноември – Почнува изборната кампања, која ќе заврши на полноќ на 9 декември 2016 година;
22 ноември – ДИК ќе им го достави избирачкиот список на политичките партии, а тие, во рок од пет дена, до 27 ноември, мора да достават барање за запишување, дополнување или бришење податоци;
27 ноември – ДИК го потпишува избирачкиот список;
11 декември – Предвремени парламентарни избори.