Утре почнува јубилејното 60 издание на Струшките вечери на поезијата

Сподели

 

„Струшки вечери на поезијата“ како еден од најстарите и најзначајните светски поетски фестивали ќе се одржи и оваа година, во вообичаениот термин, на крајот на август и во услови на пандемија. Во фазата на подготовките на фестивалот беа разработени неколку можни сценарија за одржување на СВП, во зависност од развојот на ситуацијата со КОВИД-19.

 

Сегашните околности дозволуваат да се организира фестивал со физичко присуство на домашните поети, а поканетите учесници од странство, заради рестрикциите во однос на патувањата и авионските летови, но и заради минимизирање на ризикот од ширење на вирусот, ќе бидат претставени преку видео читања, кои ќе бидат составен дел од програмата на фестивалот.

 

Специјално видео обраќање како и видео читање, подготви и годинешниот лауреат на СВП, израелскиот поет Амир Ор, кој ќе биде специјален гостин на наредното, јубилејно 60. издание на СВП во 2021 година, кога и ќе му биде врачен Златниот венец, заедно со лауреатот за 2021 година.

Програмата на фестивалот ќе се одвива во редуцирана форма во периодот од 28 до 30 август, но ќе ги задржи препознатливите програмски содржини на фестивалот. Повеќе од 30 домашни и странски поети од постарата но и од помладата генерација ќе учествуваат на фестивалот на главните фестивалски читања.

Дел од програмата ќе бидат и петте кандидати од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ која што ќе биде доделена и оваа година за најдобра поетска збирка помеѓу две изданија на СВП, а ќе бидат застапени и слем поети од земјава и од странство.

 

 

Креативниот тим на СВП го подготви дизајнот на годинешното издание кој ќе биде претставен на социјалните платформи на СВП заедно со најавите на учесниците.

Со целосно почитување на протоколите за организација на настани во услови нa пандемија, СВП подготви предлог-протокол за одвивање на фестивалот, што беше одобрен од страна на Комисијата за заразни болести.

Заради намалување на ризикот на ширење на вирусот, како и заштита на здравјето на учесниците и на публиката, којашто во вообичаени околности е присутна во мошне голем број на главните настани на отворањето и на затворањето на Фестивалот, оваа година има измена на локацијата на одржување на фестивалот, согласно протоколите за организација на настани во услови на пандемија. Најсоодветна алтернатива за организација на програмата е покриената тераса на хотел Дрим, на која и вообичаено се одвиваат дел од програмските активности во редовните изданија на СВП.

Физичкото присуство на публиката ќе биде ограничено поради капацитетот на просторот и поради протоколите за заштита, но програмата на фестивалот, почнувајќи од минатогодишното издание целосно се пренесува во живо на официјалниот Youtube канал на СВП, така што ќе биде овозможено целосно следење од страна на поширок аудиториум.

Престојот на учесниците е регулиран согласно протоколите за работа на хотелот во услови на пандемија.

Ќе има обезбеден организиран превоз за учесниците на релација Скопје-Струга- Скопје, а избраниот економски оператор е должен да ги спроведува протоколите за превоз на патници во услови на пандемија.

Во услови кога голем дел од светски познатите поетски фестивали беа откажани или одложени заради пандемијата со КОВИД-19, Струшките вечери на поезијата ќе го зачува континуитетот на одржување на фестивалот, кој почнувајќи од 1961 година ја покажува моќта на поезијата да го обедини светот.