Судењето за предметот на СЈО „Титаник 2“ за изборни нерегуларности ќе започне утре. На обвинителна клупа ќе седнат лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и поранешните членови на Државната изборна комисија, Сашо Срцев, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска и Влатко Сајковски.
На судиите од управниот суд Билјана Никодиновска-Петровска, Лидија Ивановска, Благородна Рангелова, Анета Џигерова и Газмент Фејзула нема да им се суди иако по барање на судијката Верка Петковска, Судскиот совет им го симна имунитетот, а Апелациониот суд ја одби жалбата на СЈО за обвинението со кое тие беа опфатени.
Предметот ќе го суди судијата Огнен Ставрев, кој ги суди случаите „ТНТ“ и „Монструм“.
Сите обвинети во „Титаник 2“, освен Сашо Мијалков, кривично ќе одговараат за злоупотреба на службената положба и овластување, а екс директорот на УБК ќе одговара за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“. Ова е четврто обвинение за Мијалков по „Трезор“, „Таргет-Тврдина“ и „Тортура“.
Од објавените „бомби“ на опозицијата, може да се слушне како Мијалков и Тачи се договараат за гласање за поднесените приговори до Државната изборна комисија. Апелациониот суд прифати две „бомби“ да бидат дел од доказите во овој предмет.