Ванеса Васиќ: Во Македонија владее структурно насилство!

Сподели

vanesa-vasic-janekovic

„Сите овие стравови околу тоа дали е ОК да се биде поврзан на некој начин со организации на граѓанското општество, дали е во ред да се застапуваат одредени ставови, најверојатно потекнуваат од некакво насилство на ВМРО–ДПМНЕ, кое од една страна, се прикажува како прашање на лојалност кон државата и нацијата“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Ванеса Васиќ – Јанековиќ, експертка за социо-политички процеси, при нејзината посета во Скопје на форум посветен на социјалните движења. Според неа, Шарената револуција „стравот го става на страна, а храброста ја истакнува во прв план!“

ЦИВИЛ Медиа: Кава е вашата перспектива за политичката криза во Македонија и Шарената револуција и што мислите за структурното насилство во Македонија?

ВАСИЌ – ЈАНЕКОВИЌ: Би сакала да нагласам дека не ми е многу јасно зошто се користи токму тој термин политичка криза, мислам дека се работи за нешто многу посериозно од тоа. Сметам дека се работи за една многу длабока криза на општеството и на самата улога на државата, на самата организација на животот во Македонија. Навистина ми е тешко за тоа да зборувам, ќе се фокусирам на другиот дел од прашањето.

Мислам дека овде се работи за структурното насилство кое се одразува преку авторитарниот режим и преку фактот дека постои револт, значаен отпор. Она што навистина ме изненади, слушајќи ги луѓето кои зборуваат за тоа што сé се случувало последните десет години во Македонија, е фактот дека постои длабоко всаден страв. Очигледно е дека се работи за некаква траума која предизвикала анксиозност кај населението. Сите овие стравови околу тоа дали е ОК да се биде поврзан на некој начин со организации на граѓанското општество, дали е во ред да се застапуваат одредени ставови, најверојатно потекнуваат од некакво насилство на ВМРО–ДПМНЕ, кое од една страна, се прикажува како прашање на лојалност кон државата и нацијата. Всушност, се работи за јасно економско насилство, некој вид на владеење преку сиромаштијата, која се контролира со воведување на некој вид на фашистичка идеологија.

Она што мене навистина ми е интересно е на кој начин Шарената револуција се спротивставува на тоа, а тоа е разбирањето на тој вид колективно лекување на душевната ситуација на народот во Македонија. Не се работи толку за хуморот и таквиот пристап, туку повеќе за тоа што тие помагаат во давање пример за постоењето на можноста за акција на обичниот човек, за можноста било кој, на некој начин, политички да се субјективизира. Стравот се става на страна, а храброста се истакнува во прв план! За мене, ова е најдобар пример на борба против структурното насилство, кое не се спроведува само во Македонија. Во моментот тоа е глобален проблем. Тоа е проблем во Хрватска,  ужасен проблем во Босна и Херцеговина, а постои и во Британија – таму имаме сега еден позитивен пример, по доаѓањето на Џереми Колбин од Лабуристичката партија, постои едно општествено движење, но сé уште не е доволно омасовено, и покрај тоа што постои, сé уште е тука и траумата, која не е толку изразена како во Македонија, но сепак постои.

Биљана Јордановска

CIVIL.ORG.MK