Еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји денеска ќе биде во посета на Бугарија, јави Бугарското национално радио (БНР), повикувајќи се на ЕУ.
Предвидено е Вархеји да се сретне со претседателот Румен Радев и министерот за надворешни работи Светлан Стоев.
Други детали не се објавени, но БНР, повикувајќи се на упатени извори, вели дека целта на посетата и разговорите е ветото на Бугарија за почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.
Претходно, Вархеји на 21 мај беше во Софија и Скопје, заедно со министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантош Силва, при што пред државните врвови на Бугарија и Северна Македонија го презентираа португалскиот предлог за решавање на спорот меѓу двете земји и одблокирање на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија.