„Вештица“ од Венко Андоновски на 12. Европска ноќ на литературата во Софија

Сподели

 

На 27 септември 2023 (среда) во Софија ќе се одржи Европската ноќ на литературата, организирана од амбасадите и странските културни центри во Бугарија, во соработка со Европска комисија и Општина на главниот град Софија.

На настанот ќе бидат претставени најново преведени книги на автори од различни европски земји, а секој културен центар или амбасада ќе промовира своја книга од избран автор. За оваа пригода КИЦ на РСМ во Софија, со помошта на актерот Игор Дамјанов, во Централното фоаје на Националниот студентски дом во Софија,  ќе ја претстави книгата „Вештица“ од Венко Андоновски издадена од издавачката куќа „Персеј“, во превод од Маријан Петров.

Настанот има за цел да ја популаризира добрата европска литература преку литературни читања на различни и неоддалечени места, во таканаречените „читателски гнезда“, во кои познати личности читаат еден ист дел од книга на секои 30 минути – од 18:00 до 21:30 часот. Публиката има можност да ги менува местата каде се читаат делови од различна литература и да се запознае со современото творештво на различни европски автори.

Венко Андоновски е еден од најголемите македонски автори. Роден е 1964 година во Куманово. Тој е професор по литература на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Скопје. Има објавено над 30 книги од различни жанрови. Добитник е на најголемите книжевни награди во Македонија („Роман на годината“, „Стале Попов“, „Рациново признание“), како и на меѓународната „Балканика“.