Изложба „Виножито на радоста“- Дарко Аницин

Сподели

 

Денеска, 1.септември, со почеток во 18:30 часот, во Дом на култура „Кочо Рацин“ Скопје, се отвара самостојната изложба на академскиот графичар и графички дизајнер Дарко Аницин.

Преку јавен повик објавен на социјални мрежи Дарко Аницин се впушта во еден вид едновремено истражување, остварувајќи интерактивен креативен контакт со што ја иницира и мотивира пубиликата да се вклучи во истражувањето и да проговори преку бојата и пигментот, да ги пренесе преку бојата своите чувства, пориви, копнежи, своите желби, мечтаења и стремежи…

Целта на уметникот Дарко Аницин е еден вид истражување преку бојата како медијатор, за осознавање на психолошките состојби на дел од учесниците вклучени во истражувањето. Тој успева да искомуницира преку бојата со „испитаниците“.

 

      „Хармонија“ Техника – Акрил на хартија Димензија – 70х50 см 2021

 

Аницин со посветеност и обид за остварување на комуникацијата со публиката непосредно преку бојата успеа да го иницира предизвикот за осознавање на макар дел од сиот регистар на најразнородни или слични емотивни и психолошки сосотојби со што уште еднаш се акцентира и улогата на уметниокот како арбитер низ историјата но и улогата на ангажираната уметност особено во услови на едно специфично време преоптеретено од неиизвесноста и соочувањата со непознатото… Во овој дел од истражувањата на бојата како феномен Дарко Аницин се посветува на импактот од итерактивноста која ја живееме во сите сегменти на ова сепотехнологизирано и роботизирано време во кое сме заложници едновремено во повеќе сегменти на една катадневна борба за опстојување и запазување на хуманите вредности. Човековото битие е соочено, не само со сеподраматични искушениа, туку е заложник на една глобална и сепохибридна војна во сите сфери на овa цивилизациското опстојување…

 

 „За радоста и маката“ Техника – Акрил на хартија Димензија – 70х50 см 2021

 

Во овие тешки времиња заеднички да споделиме тема која барем за миг ќе не оттргне од стресното и неизвесно секојдневие, и ќе придонесе за нови позитивни мисли и доживувања.

Отворањето на изложбата ќе се одвива согласно протоколите и препораките за заштита од COVID -19.

***

 

Дарко Аницин е роден 1977 година во Скопје. Аницин е академски графичар и графички дизајнер кој своето образование го има стекнато во средното уметничко училиште “Лазар Личеноски” потоа на факултетот за ликовни уметности, при Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” Скопје.

Својата креативност веќе 20 години најчесто ја изразува преку ангажмани во областа на графичкиот дизајн, по што е и најпрепознатлив пред широката јавност.