Омраза
Погледнете, како секогаш е вешта,
како добро се држи
омразата во нашиот век.
Како лесно ги прескокнува високите пречки.
Како за неа е лесно – да се скокне, да се доскокне.
Не е како другите чувства.
Едновремено е од нив и постара и помлада.
Самата ги раѓа последиците,
кои ја поттикнуваат на живот.
Ако заспие, никогаш со вечен сон.
Несоницата не и’ одзема туку и’ дава сила.
Религијата не е религија –
само да се клекне на стартот.
Татковината не е татковина –
само треба затрчување.
За почеток не е лоша ни праведноста.
После веќе трча самата.
Омраза. Омраза.
Лицето и’ го искривува гримаса
на љубовна екстаза.
Ах, другите чувства – слабички и млаки.
Од кога тоа братството
може да смета со толпата?
Дали кога било сочувството
прво стигнало на цел?
Колку подготвени сомнежот повлекува со себе?
Повлекува само онаа која го знае знаењето.
Способна, разборита, мошне вредна.
Треба ли да се спомнува колку песни составила.
Колку страници од историјата нумерирала.
Колку теписи од луѓе прострела,
на колку плоштади, стадиони.
Да не се залажуваме:
успева да создава убаво.
Чудесни се нејзините пожари во мрачна ноќ.
Прекрасни се клопчињата од експлозии во розикави зори.
Тешко е на урнатините да им се негира патосот,
и недоделканиот хумор
на столбот кој сигурно стрчи над нив.
Мајстор е на контрастите
помеѓу траскотот и тишината,
помеѓу црвената крв и белиот снег.
А згора на сè никогаш не и’ е здодевен
мотивот на уреден извршител
над валкана жртва.
Во секој момент е спремна за нови задачи.
Ако треба да причека, ќе чека.
Велат дека е слепа. Слепа?
Има брзи очи на снајпер
и смело гледа во иднината
– сосема сама.