Владата демантира дека на вчерашната централна прослава на 11 Октомври – Денот на народното востание кај Спомен-костурницата во Куманово била правена каква било цензура и произволна измена на текст на песна откако во јавноста се појавија критики дека при хорската изведба на „А бре, Македонче“ зборовите „клетите фашисти“ била заменети со „душманите клети“.
„Остро демантираме дека постои цензура или каква било произволна измена на текст на песна, со политичка заднина. На настанот е користен автентичен аранжман чија хармонизација е правена од Драган Шуплевски, потврдена од Националната опера и балет и Сојузот на композитори. Хармонизација на аранжманот, според нашите сознанија, е правен во доцните седумдесетти односно рани осумдесетти – велат од Владата за „360 степени“.
„А бре, Македонче“ е создадена од Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајловски, но се смета за народна песна која важи за химна на партизанското движење во Македонија и потекнува од периодот на Народноослободителната борба (НОБ) за време на Втората светска војна.