Владата на вчерашната седница ја разгледа и ја усвои Информацијата за спроведување на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и донесе заклучок, со кој ѝ се укажува на Општина Охрид да превенира градежни работи на локацијата на поранешниот ресторан „Парк-Горица“, до утврдување на фактичката состојба од страна на стручната комисија на Министерството за транспорт и врски, која ќе изврши увид во процесот на издавање/спроведување на одобрението за градење на локацијата на поранешниот ресторан „Парк-Горица“ и за своите наоди ќе ја извести Владата на нејзината наредна седница.
Дополнително Владата ѝ укажува на Општина Охрид, во рок од два дена да достави Информација за важноста на одобрението за градба на локацијата на местото на ресторан дискотека „Парк“, имајќи предвид дека согласно член 66 од Законот за градење, одобрението за градење престанува да важи доколку инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот кога одобрението за градење станало правосилно.
Во врска со спроведувањето на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, Владата заклучи да ѝ укаже на Националната установа – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид и на Управата за заштита на културното наследство, почнувајќи од 05.04.2021 година, заштитно конзерваторските услови, конзерваторските мислења и стручните контроли за културното наследство во Охридскиот Регион да ги изработува по претходно мислење, односно со учество на Националната установа – Национален конзерваторски центар – Скопје и по претходно мислење на Министерството за култура.
Министерството за култура, во рок од седум дена од денот на усвојувањето на оваа Информација ќе формира стручна комисија составена од докажани експерти за заштита на културното наследство која ќе дава стручна помош во изработка на актите за културното наследство во Охридскиот Регион, кои ги издава Управата за заштита на културното наследство.
Со заклучок на Владата им се укажува на општините Охрид, Струга и Дебарца до донесувањето на новите урбанистички планови кои ќе бидат усогласени со Планот за управување, изградбата на објекти или преземање мерки на непосредна заштита со кои непосредно или посредно се нарушува интегритетот на културното наследство на Охридскиот Регион задолжително да се врши со издавање на заштитно-конзерваторски услови и задолжително да се постапува според насоките од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.
Владата ги задолжи Министерството за култура, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за транспорт и врски, Државниот инспекторат за животна средина, а им укажува на Управата за животна средина, Управата за заштита на културното наследство, на општините Охрид, Струга и Дебрца, во взаемна и постојана комуникација и со стручна помош да ги решаваат проблемите со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион се со цел на зачувување на неговата исклучителна универзална вредност.