Комисијата за одбрана и за безбедност и Законодавно-правната комисија во Собранието на Република Македонија денеска ќе го разгледуваат предлогот за продолжување на кризната состојба на јужната и на северната граница поради мигрантската криза. Ако предлогот биде усвоен, наместо до 31 декември оваа година, кризната состојба ќе трае до 30 јуни 2017 година.
Продолжувањето на кризната состојба е на барање на Владата, која на седницата на 5 октомври го усвоила записникот на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.
Кризната состојба поради мигрантската криза беше воведена кон крајот на август минатата година, кога десетици илјади мигранти од подрачјата зафатени со војни на Блискиот Исток и во Северна Африка транзитираа низ територијата на земјава на пат кон западноевропските земји. Собранието на барање на Владата неколкупати го продолжуваше траењето на кризната состојба, а последен пат ваква одлука беше досена на 18 март годинава. Со таа одлука, вонредната состојба на јужната и на северната граница беше предвидено да трае до 31 декември 2016 година.
Гласањето ќе се одржи на пленарна седница в четврток.