Владата и СОНК постигнаа согласност за зголемување на платите во основното и средното образование и во детската заштита.
Договорот вклучува согласност за почеток на наставата и почеток на работата на градинките од среда, 27 април, откако претставниците на претседателството на СОНК и регионалните советници ќе ги информираат вработените во образованието и во детската заштита за постигнатиот договор.
Низ отворен дијалог, на состанокот со кој претседаваше премиерот Димитар Ковачевски, и на кој учествуваа министерот за образование и наука Јетон Шаќири и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, со СОНК претставен од претседателот Јаким Неделков, придружуван од членови на синдикатот и од Сузан Флокен, директорка на Европската конфедерација на синдикати за образование, постигната е согласност за покачување на платата во образованието и во детската заштита за 12%, кое ќе биде реализирано со ребалансот на Буџетот и започне да се применува со јулската плата.
Договорот меѓу Владата и СОНК вклучува и заедничка соработка на креирањето на методологија за раст на платите која треба да биде завршена до крајот на оваа година и којашто ќе се применува од 2023 година, а која ќе е предмет и на општиот колективен договор.
Владата и СОНК се договорија како предмет на усогласување на гранскиот колективен договор да биде вклучена и редовната исплата на регресот за годишен одмор, односно К-15, кој ќе започне да се исплаќа од 2023 година, откако претходно ќе биде потпишан општиот колективен договор со јавниот сектор.