Владата ќе ги заштити граѓаните од лажни вести во референдумскиот молк

Сподели

Портпаролот на Владата на Република Македонија, Миле Бошњаковски, денеска на прес-конференција информираше дека Владата ќе преземе активности за заштита на граѓаните од лажни вести и дезинформации, преку објави на социјалните мрежи за време на претстојниот период на референдумскиот молк.

Секоја вест, како што најави Бошњаковски, која ќе биде детектирана дека е лажна или дека е дезинформација или пак полувистина, ќе биде соодветно идентификувана и, како што појасни тој, ќе биде објавено дека е неточна на официјалните комуникациски канали на Владата, на „Твитер“ профилот – портпарол на Влада на Република Македонија, како и на официјалната „Фејсбук“ страна на Владата на Република Македонија.

– Врвен приоритет на оваа Влада, е на граѓаните да им биде обезбеден сеопфатен и објективен пристап до релевантни и точни информации, врз основа на кои граѓаните самостојно ќе одлучат како ќе се изјаснат на референдумот во недела. Искуството, особено за време на кампањата, покажа нагласено присуство и ширење лажни вести, дезинформации и говор на омраза, како и креирање вести врз основа на полу информации. Имајќи ја предвид штетата врз јавниот интерес која може да настане од лажна пропаганда во текот на референдумскиот молк, Владата на РМ најавува дека нема да дозволи граѓаните да бидат изложени на лажни вести, ќе ги проверува фактите и ќе ги презентира пред граѓаните – рече Бошњаковски.

Тој апелираше граѓаните, за време на молкот, да ги примаат сите вести со внимание, да ги анализираат изворите од којшто доаѓаат информациите и да прават двојна проверка на секоја вест која им изгледа невообичаена или сензационална.