Владата одлучна да се расчистат прашањата за случајот “увоз на нафтени деривати”

Сподели

 

Портпаролите на Владата, Муамет Хоџа и Душко Арсовски и на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на 71-вата седница и одговараа на прашања од интерес на медиумите и јавноста.

Информирајќи за  дискусијата, оценета како вонредна и итна, за постоење сомневања дека во одреден период во земјата биле увезувани токсични нафтени деривати опасни по здравјето и животната средина, кои при увоз влегувале како мазут, и како што беше објавено во новинарска сторија, се користеле како гориво за греење во повеќе државни институции, но и како гориво во приватни компании во земјата, портпаролите соопштија дека Владата е одлучна во заложбата да нема компромиси кога е во прашање здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина.

 

Портпаролите информираа дека за да се расчистат сите прашања, дилеми и сомнежи изнесени во јавноста, Владата ја задолжи Царинската управа да спроведе внатрешна контрола за конкретниот случај, да се испита колкави количини од наведените нафтени деривати се увезени од 2018 до 2020 година и под која царинска шифра е извршен увозот, како и тоа дали податоците во декларациите соодветствуваат со дериватот што е увезен.  

Државниот пазарен инспекторат, со Бирото за стандардизација и метрологија и со помош на акредитираната мобилна лабораторија да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите што увезуваат, како и во институциите што користат вакви горива.

 

 

Државниот инспекторат за животна средина е задолжен да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите увозници и корисници на мазут и на други нафтени деривати.

Министерството за економија е задолжено да побара што точно се испитува при увоз согласно Правилникот за квалитет на течни горива и дали одредбите од Правилникот се применуваат согласно европските стандарди.

Сите тие институции контролите треба да ги направат веднаш, а информациите да бидат доставени во рок од 14 дена.

Во однос на ова прашање, беше посочено и дека Царинската управа, како надлежна за спроведување на увозна постапка и наплата на давачки, во врска со работењето на фирмата од Кичево, во периодот од 2018 до 2020 година, земала мостра за анализа при увозно царинење во 84 увозни постапки. По години, во 2018 година се анализирани 34 мостри, во 2019 година се земени и анализирани 37 мостри и во 2020 година 13 мостри.

Во ниеден од доставените примероци не е пронајдено поголемо количество на сулфур од дозволеното.

Дополнително, Секторот за контрола и истраги на Царинската управа извршила контрола на работата на фирмата, согласно надлежноста, со која е опфатено целокупното работење на фирмата за периодот 2018-2020 година. Контролата е спроведена постапувајќи по редовниот годишен план за вршење на контрола на Одделението за контрола на трговски друштва.

По појавени сомневања за неправилности од други закони надвор од нејзината надлежност, Царинската управа го информира и Државниот пазарен инспекторат за да преземе мерки од својата надлежност.

Државниот пазарен инспекторат има извршено инспекциски надзор на увезени пратки на  „Евротим ГДС“ од Кичево на 07.02.2019 година при што има земено мостра од нафтен дериват Мазут-М1 за понатамошно лабораториско испитување.

По извршената анализа од страна на овластена лабораторија, добиен е резултат кој е во рамките на граничните вредности согласно постоечкиот Правилник за квалитет на течните горива.

Во однос на квалитетот на горивата, во Правилникот за квалитет на горивата, освен нивото на сулфур, во втората одредба е наведено дека нафтените деривати треба да исполнуваат и други карактеристики, на пример ниво на пепел и други содржини кои треба да ги имаат дериватите, беше посочено на денешната прес-конференција при што беше повторен ставот дека Владата е решена да го затвори случајот без никакви компромиси.

Во врска со Предлог-законот за легализација на бесправно изградените градби кој е вратен во Собранието по одлуката на претседателот на државата Стево Пендаровски да не го потпише Указот за прогласување на Законот, согласно законските процедури за вакви ситуации, на новинарско прашање беше одговорено дека Владата ќе поттикне јавна расправа со засегнатите страни, како и консултации со пратеничките групи во Собранието и со претседателите на Парламентот и државата, за да се дојде до најдобро законско решение.

Во таа насока, информираа Арсовски и Хоџа, постои отвореност за соработка и најдобри решенија на предлозите кои се однесуваат на временскиот период, со кој треба да биде опфатена легализацијата на дивоградбите, потоа реалната дистинкција меѓу објектите кои се за лично домување и оние кои се изградени како станбени згради за профит, како и прашањето за категорична и јасна законска одредба дека со легализација нема да бидат опфатени бесправно изградените објекти во заштитените подрачја, како и сите други укажани прашања на кои посочија јавноста и граѓаните.