Власта и опозицијата повторно контра законот за јазиците

Сподели

По паузата поради одржувањето на локалните избори, македонските пратеници денеска ја продолжија расправата по Предлог-законот за употреба на јазиците.

Ставовите на пратениците од владејачките партии и опозицијата и на денешното продолжение, како и на претходните, се дијаметрално спротивни.

Парламентарното мнозинство, тврди дека законот ќе придонесе за зголемување на соживотот во државата, оти не го нарушува унитарниот карактер на државата и е во согласност со Уставот, а за тоа дека се во право, според нив, говори и резултатот од локалните избори на кои граѓаните им ја дале довербата за политиките што ги спроведуваат.

Опозицијата во Собранието, и натаму останува на ставот дека законот е неуставен, оти со него се кршат процедурите и дека неговата примена ќе доведе до двојазичност на целата држава, а се дискриминираат и помалите етнички заедници.

Пратеникот Панчо Минов, рече дека е за воспоставување на албанскиот јазик како службен, но, како што потенцира, само во рамки на Уставот, а не воспоставување двојазичност и таму каде што не живеат Албанци. Исто така, се противи и на водење на седниците на Собранието на албански јазик. Така, според него, ќе им биде потребен превод и ќе се претворат во пратеници слушалки.

На ова реплицираше пратеникот Џевад Адеми од ДУИ, кој му порача дека за да не се доведе до тоа да биде „пратеник слушалка“, треба да го научи албанскиот јазик.

– Треба да се научи албанскиот јазик за да можеш да комуницираш со мене како што можам јас со тебе – рече Адеми.

Со овој предлог закон, рече, само се прави заокружување на една тема без да се оштети право на другите заедници.

Пратеничката Ане Лашковска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека нема да се обидува со свои зборови да ја објаснува штетноста на предложениот закон, туку ќе ги чита одредбите за да можат граѓаните изворно да чујат што сака да направи оваа власт.

На Лашкоска и реплицираше нејзината колешка од СДСМ Жаклина Лазаревска и рече дека граѓаните добро кажале чија политика и чиј став во однос на ова прашање поддржуваат.
– Сега се оценува само дали има потреба од донесување ваков закон – рече Лашкоска, дури потоа ќе има јавна и материјална расправа за решенијата содржани во него.

Смета дека има потреба од овој закон, бидејќи ќе се затвори прашање кое е отворено од Рамковниот договор пред 16 години.

Никица Корубин од СДСМ смета дека законот е уставен и притоа посочи на амандаманот 5 од Уставот, на кој, како што рече, се базира законот за употреба на јазиците.
Ова е седмо продолжение на дебатата за законот за јазиците, по шесте продолженија на 15. седница кои се одржаа пред изборите.

Со законот се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.