Со измените на Законот за внатрешни работи, со кои се предвидува државниот секретар во Министерството за внатрешни работи да биде именуван од Владата, како и со веќе усвоените измени на Законот за полиција, власта сака да му ги врзе рацете на новиот министер, кој би застанал на чело на МВР пред избори, вели за „Мета“ пратеникот од опозицискиот Демократски сојуз, Павле Трајанов.
Според Трајанов, целта на измените е да се скратат ингеренциите на министерот, кој со измените на законот нема да може да одлучува за изборот на државниот секретар во министерството, а кој во согласност со актуленото законско решение се избираше од редовите на раководните лица во МВР.
Иста е намерата и со измените на Законот за полиција, кој пред десетина дена беше на дневен ред во Собранието, смета Трајанов. Со измените на членовите 17 и 18 од Законот за полиција, надлежноста врз работата на дел од криминалистичката полиција, униформираната полиција, граничната полиција, специјалните полициски сили и други, сега ја преземаат организациски единици во рамките на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), иако досега тие беа под надлежност на Централните полициски служби (ЦПС). Инаку, началникот на Централните полициски служби го назначува министерот за внатрешни работи.
– Директорите на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) и на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) ги именува Владата и тука намерата е јасна. Со измените се направи упад во законот за полиција, сè со цел на министерот што би застанал на чело на МВР во предизборната влада да му се скратат ингеренции и да не му биде дадена можност самиот да поставува луѓе со кои би соработувал, како и да има надлежност и контрола врз дел од единиците во МВР и во полицијата. Тоа се прави и со измените во законот за внатрешни работи, со кои државниот секретар сега ќе го избира Владата – вели Трајанов.
Во образложението на предлог-измените на Законот за внатрешни работи, на кои се потпишани пратениците од владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Сашо Аќимоски, Павле Саздов, Марјанчо Колевски, Нада Ципушева и Талат Џафери, стои дека измените се поради практична примена на законот.
„Имајќи ја предвид досегашната практична примена на законот, се утврди дека е потребно поинакво позиционирање на државниот секретар во Министерството за внатрешни работи. Наместо да се избира од редот на раководните работници во Министерството, со овој закон се предлага ова лице да биде именувано и разрешувано од страна на Владата на Република Македонија по предлог на министерот за внатрешни работи“, стои во предлог-измените на Законот.
Практичноста и „економично и специјализирано извршување на полициските работи“ беа наведени и во образложението на измените на Законот за полиција, чиј предлагач беше Владата.
„Заради нормативно уредување на разултатите од повеќегодишните реформи во полицијата, како и заради економично и специјализирано извршување на полициските работи, се предлагаат соодветни интервенции во овој дел од законот, во содржината на членовите 17 и 18 од овој закон. Соодветните нормативни интервенции во членовите 17 и 18 се резултат и на компартивните искуства и анализи, а за подигнување на степенот на ефикасност во полициското работење“, стои во образложението на измените.
Измените на двата закони се носат по скратена постапка.