ВМРО-ДПМНЕ: Џафери го крши Уставот со појавување на партиски трибини

Сподели

 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини претседателот на Собранието Талат Џафери, за кршење на одредбите од Уставот поради неговото појавување на партиската трибина на ДУИ која се одржа во Чегране.

Повикувајќи се на членот 67, став 3 од Уставот, ВМРО-ДПМНЕ во партиското соопштение вели дека собраниската функција на Џафери е неспоива со вршење на друга јавна функција.

„Талат Џафери грубо го крши Уставот со секојдневно појавување на партиски трибини слугувајќи му на Али Ахмети, наместо да си ја врши функцијата претседател на Собранието. Според член 67, став 3 од Уставот каде што се вели ‘функцијата претседател на Собранието е неспоива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија’, деспотот Џафери не смее да врши никаква политичка функција“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициската партија ова го оцени како автократско однесување на власта, кое, како што додаваат, ќе биде казнето од граѓаните на следните предвремени парламентарни избори.

Собранискиот спикер Талат Џафери во саботата присуствуваше на партиската трибина на ДУИ на која партиските членови порачаа оти политичките партии мораат да се обединат и да ги донесат уставните измени за отворање на првото поглавје од пристапните преговори со Европската Унија.

Во своето обраќање Џафери порача дека секој мора си ја работата, а ако не може, тогаш е чесно да му ја даде на друг.

„Не можеме да молчиме затоа што работата што ми е дадена ако не ја работам ќе биде чесно да кажам благодарам ослободете ме од обврската и да ја дадам на некој што може, но некого да обвинувам не е чесно. Албанците 20 години ја поддржуваат идеологијата на Али Ахмети и ДУИ, и тоа не е случајно. Дали ја завршивме целата работа? Нема никој на светот кој вели дека ја завршил целата работа. Сите треба да се вразумиме и да погледнеме во политичкото минато и конечно да се прилагодиме на барањата на лидерот и на народот“ нагласил Џафери.