ВМРО-ДПМНЕ: Уредникот во весникот „Ди Цајт“ е лошо информиран за ситуацијата во Македонија

Сподели
ВМРО-ДПМНЕ реагира на вчерашниот напис на германскиот новинар Тео Зомер, искажан во колумна за весникот „Ди Цајт“. Според ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот уредник во весникот „Ди Цајт“ Тео Зомер, очигледно е лошо информиран за ситуацијата во Република Македонија.
zeit

-Неговата перцепција на политичката состојба е целосно искривена и воопшто не се разликува од перцепцијата на аболицираниот криминалец Зоран Заев, кој се обидува да ја изигра и изманипулира волјата на народот, прифаќајќи платформа изготвена во друга држава која не ја добила поддршката од граѓаните на избори, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Зомер, се наведува во реакцијата, или не знае или намерно лаже и го прикрива фактот дека на изборите на 11 декември победи токму ВМРО-ДПМНЕ.

-Мнозинството граѓани гласаа за програмата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија. Мнозинството граѓани се произнесоа и во врска со начинот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и илјадниците проекти кои што ги реализираше владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. После изборите, како што беше најавено и во албанските медиуми, Владата во Тирана раководена од Премиерот Еди Рама, заради загриженост од намалениот број на освоени пратенички места на албанските партии, работеше на изготвување на платформа која би ги обединила партиите на етничките албанци околу одбрана на нивните национални интереси. Оваа платформа беше потпишана од партиите на етничките албанци во Тирана на Божик, 07.01.2017 година. Пред фактите и боговите молчат, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-ВМРО ДПМНЕ ниту тогаш, ниту сега се согласува со барањата за официјализирање на албанскиот јазик на целата територија, менување на банкнотите и униформите или во контекст на платформата отворање дебати околу националните обележја знамето, грбот и химната. ВМРО ДПМНЕ не се согласува ниту со идеите за кантонизација или федерализација, ниту пак со мислењата дека треба да се менува нашето уставно име и идентитет по теркот на грчките барања и условувања влез во ЕУ и НАТО. Ние сме партија чија стратешка определба е влез на Македонија во Еу и Нато, но со фер компромис со Грција, а не со уцена и еднострано решение. Ние сме партија која во историјата независна Македонија покажа најголеми резултати во борбата против криминалот и корупцијата, додека токму сдсм го одбележува времето кога криминалот и корупцијата цветаа во земјата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што потврдија и од албанските партии, но и самиот Заев, за СДСМ тиранската платформа била прифатлива и СДСМ гледал позитивно кон сите нејзини аспекти. Тоа е основната причина поради која што со постизборен инженеринг, мнозинството Македонски гласачи треба да бидат истерани во опозиција и нивната политичка волја да биде занемарена.

-ВМРО ДПМНЕ смета дека новинарот Зомер треба да се извини за изречените невистини, бидејќи ваквите манипулации не помагаат при изнаоѓањето излез од актуелната состојба. Ваквите лажни вести нема да ја поколебаат ВМРО ДПМНЕ да отстапи од одбраната на волјата на мнозинството граѓани и од одбрана на највисоките државни и национални интереси. Сакал да ја види новинарот на Ди Цајт реалноста или не, таа е следна. Народот е на нозе. Македонија се буди. Граѓаните не се согласуваат со антидржавната и антинационална политика на лидерот на СДСМ и со постизборното подметнување на туѓи агенди, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.