Прес-конференцијата на Николовски беше свикана попладнево, откако претходно во Специјалното јавно обвинителство на распит се појавија поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и Тони Јакимовски, шеф на кабинет на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.
– Специјалното јавно обвинителство ја стартуваше изборната кампања на СДСМ, а тоа што го прави Катица Јанева е обичен политички циркус и нема ниту „П“ од право, изјави денеска на прес-конференција Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ. Прашање на време беше кога Заев ќе го активира својот главен изборен адут и кога ќе го притисне копчето за будење од неколкумесечниот сон на Катица Јанева и нејзините соработници. Тоа што го прави Катица Јанева е обичен политички циркус и нема ниту „П“ од право. Се кршат сите законски норми, по нарачка се конструираат непостоечки случаи и се прави театар само со една цел, дисквалификација, дискредитација и оцрнување на членовите на ВМРО-ДПМНЕ. На тој начин Зоран Заев и Катица Јанева веруваат дека ќе ја покријат неговата неспособност и дека ќе компензираат барем дел од исклучително нискиот углед кој Заев го има меѓу граѓаните – рече Николовски.
Тој обвини дека специјалната обвинителка сама го „иницирала нарачаниот театар“, со тоа што пред неколку дена испратила повик до медиумите дека „во периодот што следи ќе имало зголемена фрекфенција на лица во СЈО“.
– Ваквиот повик на Катица Јанева е отворен сигнал до медиумите под контрола на СДСМ/Сорос да почнат со линчот и личните дисквалификации без никаква основа. Само по желба и нарачка на Зоран Заев. Од СЈО пред неколку дена изразија негодување зошто судот не изрекол мерка притвор за еден од осомничените во предметот кои тие го нарекоа „Тврдина“. Нејзиниот аргумент беше дека тој бил избран за директор во меѓународно тело и постоела опасност да не се појавува на распитите. За само една недела ваквите манипулации и невистини излегоа на виделина. Денеска осомничениот се појави на распитот на кој што беше повикан и целата јавност се увери дека станувало збор за уште еден јалов и неаргументиран обид некој да биде притворен и од тоа да се режира спектакл. Истото се случува и со градоначалникот на Битола кој скоро два месеци е во притвор, иако редовно се одзиваше на сите покани на СЈО. Во овие два месеци СЈО во предметот против него нема преземено никакво дејствие, надлежниот обвинител беше на одмор, а остана само впечатокот дека притворот е побаран само заради политичка пресметка – изјави Николовски.