Владата на вчерашната седница ја разгледа и усвои и Информацијата од Министерството за одбрана за влегување и престој странски вооружени сили на територијата на Република Северна Македонија заради учество на обука и вежба „Trojan Footprint 24 и донесе таква Одлука.
Обуката и вежбата „Trojan Footprint 24“ е дел од Планот за организација и учество на Армијата на Република Северна Македонија на вежби од меѓународен карактер за 2024 и 2025 година, согласно потребите за активно планирање, организирање, подготвување и реализирање заеднички обуки и вежби помеѓу сојузниците во НАТО.
Вежбата е предвидено да се реализира на територијата на Република Северна Македонија, во период од 16 јануари до 16 март 2024 година, со учество на 40 припадници од специјалните сили на Вооружените сили на САД и 12 припадници на специјалните сили на Република Грција, со вооружување, опрема, моторни возила и материјално – технички средства. Специјалните сили на Армијата на Република Северна Македонија активно ќе учествуваат во подготовките и изведувањето на заедничката обука и вежба со 55 припадници (учесници на активноста и реална логистика).
Локации за учеството на вежбата е предвидено да бидат АП „Криволак“, полигоните за обука и стрелиштата во гарнизонот Скопје и стрелиштето „Красте“ во гарнизонот Штип.