Во КИЦ – Загреб изложба на скулпторот Синиша Новески

Сподели

Во Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Загреб утре (23 мај) ќе биде претставена изложбата на уметникот Синиша Новески „Мистерија и индивидуализам“. На изложбата ќе се обратат: проф. д-р Милаим Фетаи, амбасадор на Северена Македонија во Хрватска; Наталија Поповска, директорка на Културно-информативниот центар во Загреб; проф. д-р Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија и Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.

На изложбата ќе бидат претставени 12 скулптури од творештвото на Новески, чии многубројни дела се изложени во јавен простор и се дел од приватни колекции во државава, како и  во Србија, Бугарија и Соединетите Американски Држави.

За хрватската публика, припадниците на македонската дијаспора и сите други љубители на уметноста изложбата ќе биде достапна до 30 мај.

Новески изложувал на над дваесет самостојни изложби и на над 30 групни изложби. Член е на ДЛУМ, актуелен член на Уметничкиот совет, како и на Друштвото на ликовни уметници на Србија. Има учествувано на над десет ликовни колонии и симпозиуми, освоил исто толку награди како за сопственото уметничко творештво, така и за менторско-педагошко работење со студенти.

Изложбата се реализира со поддршка од Министерството за култура.