Во кои држави важат нашите возачки дозволи

Сподели

Доколку планирате патување во странство со автомобил, нема да ви бидат доволни пасошите и финансиските средства со резервациите. За тоа ќе ви бидат потребни повеќе документи, опрема и дозволи, во зависност од земјата.

Кога станува збор за балканските земји и за другите популарни дестинации за Македонците, речиси секаде важат генералните правила: забранета употреба на мобилен телефон при возење, минимално дозволено количество алкохол и соодветна опрема за возилото, стои на официјалната страница на АМСМ.

Доколку се патува со дете, имајте предвид дека во повеќето земји е потребно детско седиште за мали деца. Потоа, за македонските државјани што патуваат во странство се потребни и зелен картон и меѓународна возачка дозвола.

Каде важат македонските возачки дозволи? 

Република Македонија има склучено билатерални договори за заемно признавање на националните возачки дозволи со Шпанија, Албанија, Италија, Словенија. Кога станува збор за другите земји, па дури и соседните, потребна е меѓународна возачка дозвола за патување со сопствено или со туѓо возило. Меѓутоа, се препорачува поседување меѓународна возачка дозвола дури и за земјите со кои се има склучен договор.

Меѓународната возачка дозвола, како и зелениот картон и дозволата за управување туѓо моторно возило се издава од правно лице овластено од Министерството за внатрешни работи, дознаваме од „Правдико“. Меѓународната возачка дозвола има важност од три години и не се издава на лице што е казнето.

Покрај меѓународната возачка дозвола, за патување надвор е задолжителен и зелениот картон, што претставува проширување на територијалното покритие на осигурувањето од автоодговорност и со него се покриваат потенцијалните штети доколку се причинети на трети лица со употреба на моторното возило. Важноста на зелениот картон одговара на периодот на валидноста на полисата за задолжително осигурување.

Во инфографиконот во продолжение дознајте кои се задолжителните барања и забрани за возење со автомобил во најблиските дестинации според податоците од АМСМ.