Силен ветер го срушил малиот авион во Сахара. Пилотот загинал, додека другиот патник доктор Елдар за големо чудо се спасил. Тргнал по незнаекаде низ пустинска песочна магла создадена од силен пустински ветер. По два дена, целиот изнемоштен, жеден и гладен стасал до една мала оаза со неколку куќи. Домаќините великодушно го угостиле иако скромно имале, и сè правеле несреќниот патник да се чуствува добро. Во еден момент доктор Елдар многу се изначудел кога слушнал како една жена цело време се моли со рацете дигнати кон небото, изговорајќи го неговото име. „Од кај па таа го знае моето име?!“ – си се запрашал докторот во себе! Домаќините му објасниле дека таа има тешко болно дете, кое само некој доктор Елдар може да го излечи. Но, дека до него се нема никакви можности да се дојде. „Па ете докторот дошол до кај неа, оти пустинската магла го донесе!“ – додадал низ смеа доктор Елдар!
И кај нас ветер и магла има во изобилие, ама не носи ништо добро. Продавачи и сеачи на магла обично се едни лажни патриоти, на кои маглата им служи како средство за покривање грабеж. Затоа толку години живееме во пустинска магла, од која стотина илјади млади фатиле магла. Политиката, демократијата, владеењето на правото, економијата, здравството, образованието, културата, мерит-системот и професионалноста со декади ни беa обична магла. Бизнисот со магла ни е профитабилна гранка, оти сеуште има купувачи на магла. Затоа продолжува назначувањето на секакви „е…ветровци“ по институциите кои штом почуствуваат друг ветер се вртат накај што тој дува. Таквите ветришта цело време ни ги менуваат патоказите, па затоа никако да излеземе од пустината. Но, ако човекот не знае каде плови, ниту еден ветер не му е поволен. Или пак, ако не му можеме ништо на ветерот, барем едрата можеме да ги приспособиме. Не треба да очекуваме да ни се случи некој доктор Елдар за да не излечи од темнината поради која не можеме да видиме светлина! Нема реформи со деформирани умови, а времето тече пребрзо за тие што ветуваат, а пребавно за тие што се надеваат. Темна магла насекаде – и сеачите на магла имаат ум ама немаат срце. Кај народот обратно. Тој ја бара среќата таму кај што други ја загубиле!
Македонија јава бесен коњ!
По изборите кај нас, ЕУ процесот забрзано се движи кон водопад. ФАЦ смета дека новата власт во Скопје е сојузник на премиерот Орбан. Премиерот Мицкоски самиот Орбан го опиша како „пријател“! Но сè прекипело откако премиерот Орбан ја посети Кина и Русија, каде што Орбан ја осуди, „погрешната политика на ЕУ, на целиот Запад и на полската влада кон Русија“. Силно реагираше ЕУ, а американскиот амбасадор во Будимпешта – Дејвид Пресман, без дипломатски ракавици го нокаутира премиерот Орбан: „Она што беше точно за средбата на Орбан со Путин во Кина, важи и за средбата на Путин во Москва“.
Разводот меѓу долгогодишните сојузници Полска и Унгарија е многу брутален, а тоа ќе има длабоки последици по Унгарија и за сите тие што се кладеа на унгарскиот коњ (кај што за жал припаѓа и Македонија). Тие сега јаваат бесен коњ свртени накај опашката! Игнорирањето на Коридорот-8 може многу скапо да ја чини државата. И политички и финансиски. Полскиот заменик министер за надворешни работи ја повика Унгарија да го напушти НАТО и ЕУ! А Брисел на Унгарија веќе и ги има блокирано над дваесет милијарди евра. Дополнително, сега Орбан се обвинува дека сакал да создаде раздор меѓу оските „Берлин-Париз“ и „Лондон-Варшава-Киев-Балтик-Скандинавија“.
Тие што се врзуваат за Орбан, ќе се соочат и со многу проблеми. Шансите за да победи Трамп сега се мали. А, Камала Харис жестоко ќе удри по Орбан и неговите сојузници. На Орбан му се спрема уична револуција, оти јавно го поддржува глобалниот хаос кој преку етнички поделби и миграции е насочен кон ранливите области – како што се Индо-Пацификот, Блискиот Исток, Сахел, Источна Европа и Западен Балкан. Глобалната антидемократска оска Русија – Кина – Иран (која ја проширува својата контрола врз Блискиот Исток и теснецот Баб-ел Мандеб и Хормуз) – сака да го докрајчи постојниот светски поредок.
Брисел работи на тоа, унгарското претседателство со ЕУ да помине со општ бојкот од страна на европските институции и држави. Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, изјави дека претстојниот состанок на министрите за надворешни работи ќе се одржи во Брисел, а не во Будимпешта, како што си е вообичаено. Исто така не случајно, Киев одлучи да не ја „пушти“ нафтата на Лукоил низ украинска територија, што може да предизвика голема енергетска криза во Унгарија. Потоа, Унгарија наскоро ќе мора да плати висока казна, според одлуката на судот во Луксембург во однос на мигрантите.
Евтини „патриоти“!
ВМРО, не го менува Уставот. А тоа ќе нè чини многу скапо. Ај да видиме низ примери во светот како ги решавале горливите проблеми! Во 1962 година Русите тајно инсталирале ракети со атомско полнење (СС-4) во Куба. Штом Американците разбраа, веднаш поставија поморска блокада околу Куба попратен со ултиматум. Светот бил доведен до тотална нуклеарна војна. Темпераментниот Кенеди бил опкружен со „турбо-патриоти“ спремни на целосно уништување на светот, но сепак тој повеќе ги ценел умерените. Хрушчов во последен момент отстапил и светот бил спасен. А што би се случело кога тој би ги послушал големите „патриоти“ околу себе!? Светот ќе бил вратен во времето на амебите!
Друг пример е Чеченија, која се стекна со фактичка независност за времето на Јелцин (со Хасвјуртскиот договор во 1997 година). Нивниот тогашен водач Аслан Мушадов почна да гради прозападна секуларна држава. Но, кога неговите противници го промовирале популистичкиот „ислам“, на власт дошол верскиот водач Јарданбијев. Тој донесе политичка бруталност, масовни убивства, киднапирања и невиден криминал во имена Алах. Обичните луѓе почнаа да се свртат кон Русите барајќи спас. Независтоста на Чеченија заврши во буниште.
Типичен пример е Украина. Имено, по победата на прозападната алијанса над коалицијата на украинскиот проруски претседател Виктор Јанукович, новите револуционерни „патриоти“, наместо да дозволат Јанукович да си го заврши мандатот (за неколку месеци) како што бараше, тие отидоа да го рушат со сила и да го понижат. Тој избега во Русија и со помош на Путин подигна вооружено востание на руското население во Украина. По многу жртви, Украина го загуби Крим и Севастопол. По некоја година почна директната војна и под окупација (и анексија) на Русија падна целиот Донбас. Светот со години плаќа дебела цена поради таа војна.
На Србите од Српска крајина во Хрватска им било понудено решение како „држава во држава“ (Планот „Z-4“ – 1995 година). Крајина би ги имала сите органи како една држава, дури и своја валута и војска. Но, тогашните „патриоти“ тоа го одбиле по што следила операцијата „Олуја“ со многу жртви и 200 илјади Срби исселени.
Дури и нуклеарните напади во Хирошима и Нагасаки се резултат на „патриотска“ непопустливост на едни воени команданти врзани за јапонскиот крал. Војната сепак заврши, но сега сомногу трагични и тешки последици за Јапонците!
Тешка цена плати и милошевичевата Србија за Косово. Тогаш нашата просечна плата беше четири пати поголема од нивната. Но, со вешта политика на компромиси кон Западот, Србија не само што стаса до просечна плата од над 800 евра, туку стана главен регионален играч. Сега Македонија е претворена во нејзин сателит, што е многу опасна игра. Никако едни луѓе да сфатат дека што поголема доза фолк патриотизам, тоа помала доза нормален живот. А не е здраво да претпоставиме што може да се случи со нас ако и натаму ја игнорираме нормалноста! Историчарката Дубравка Стојановиќ напиша книга со наслов „Минатото доаѓа“. Некои не знаат дека мракот знае да се шири со светлосна брзина. А нема сам по себе да ни дојде доктор Елдар! Минатото ни доаѓа, а ние тешко разбираме дека добрите нешта не доаѓаат по случајност, туку поради ум и трдг! Уште не се сфаќа дека подобро тука да ги задржите луѓето отколку лажната историја.