Во вчерашниот воздушен напад во северната сириска провинција Идлиб загинаа најмалку 33 турски војници, јавуваат светските медиуми. Станува збор за најголема загуба на воен персонал од почетокот на офанзивата на турската армија во Сирија. Постојните информации посочуваат дека воздушниот напад го извршиле сириските воздушни сили, но весникот „Гардијан“ и дел од другите светски медиуми не ја отфрлаат можноста бомбардирањето да го извршила руската авијација присутна во Турција.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ги осуди воздушните напади на сирискиот режим и нејзиниот руски сојузник врз провинцијата Идлиб и ги повика двете страна да сопрат со нивната „грозоморна офанзива“. Членките на Северноатланскиот сојуз (НАТО) ќе одржат вонредна седница на повик на Турција како членка на алијансата. Единствена точка на седницата е разгледување опции според членот 4 на НАТО, во кој е предвидено дека секоја членка на НАТО може да побара помош од алијансата, доколку смета дека е нарушен нејзиниот територијален интегритет, политичката независност или безбедноста.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган свика вонредна седница на Советот на национална безбедност по загинувањето на турските војници. Портпаролот на турскиот претседател, Фахретин Алтун, изјави дека Турција ќе се одмазди за изгубените турски војници. Турската армија веќе започна да напаѓа цели на сириските воени сили, додека Русија испрати два дополнителни воени брода со крстаречки ракети до сирискиот брег.
Ескалацијата на судирите во провинцијата Идлиб меѓу сириските воени сили, поддржани од Русија, џихадистички сили, и опозициските бунтовнички групи поддржани од Турција се заканува да предизвика сериозен конфликт во односите меѓу двете земји. Русија има поморска база во Тартус и воздухопловна база во Латакија. Воедно, Турција уште синоќа се закани дека официјална Анкара веќе нема да ги сопира сириските бегалци од нивните намери да преминат во Европа. Во оваа земја во моментов се сместени над 3,6 милиони бегалци, а околу милион бегалци се лоцирани во провинцијата Идлиб во близина на турската граница.