Во сите градови надвор од Скопје веќе се работи без закажан термин за промена на документи

Сподели

 

Денеска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски за време на реализирањето на проектот Отворен Кабинет во СВР Струмица, беше запрашан за замена на личните документи, односно за можноста граѓаните коишто живеат надвор од Скопје да ги заменат личните документи.

Спасовски информираше дека граѓаните од внатрешноста надминаа 80% од замената на личните документи на граѓаните.

„Исто така издадена е наредба од помошникот-министер на Одделот за граѓански работи, во сите градови надвор од Скопје веќе се работи без закажан термин – сите што ќе дојдат ќе бидат услужени. Засега нема проценка дека ќе има било каков проблем и очекувам дека успешно ќе се заврши. Во Скопје, новотворениот пункт многу придонесува за голема динамика. Според проценките, во наредните месец или два можат да се завршат сите замени. Ќе работиме интензивно и секојдневно ги анализираме работите”, рече министерот Спасовски, потсетувајќи дека работното време на новоотворениот пункт е од 08.00 до 18.00 часот секој работен ден.

Воедно, Спасовски беше категоричен дека ќе нема казни за сите лица кои што до законскиот рок – февруари, нема да ги променат личните документи.

„Ниту еден граѓанин нема да добие казна, ниту ќе биде ускратен за остварување на било кое право во државата. Да си ги завршиме граѓанските обврски. Нема да има последици по никој”, рече министерот Спасовски.