Володомир Зеленски победи на претседателските избори во Украина

Сподели

Комичарот Володомир Зеленски победи на изборите за претседател на Украина, јави Би-Би-Си, повикувајќи се на излезните анкети. Според податоците, Зеленски освоил 70% од гласовите. Вториот круг, оценува Би-Би-Си е само продолжение на неговата доминација, со оглед на тоа дека тој и по првиот круг пред три недели имаше најмногу гласови од сите 39 кандидати.

„Никогаш нема да ве разочарам“, му вети Зеленски на украинскиот народ во говорот во својот изборен штаб. Тој се обрати и до луѓето кои живеат во другите држави кои некогаш беа советски републики и им порача дека се е можно.

Зеленски е политичар, сценарист, актер и директор на украинското филмско студио Квартал 95. Тој ја играше улогата на претседател на Украина во популарната сит-ком „Слуга на народот“ во 2015 година. Политичката партија „Слуга на народот“ беше формирана во март 2018 година од страна на луѓето во продукцијата на Квартал 95, кои ја креираа истоимената телевизиска серија. Во минатомесечното интервју за „Шпигел“ Зеленски рече дека влегол во политиката за да ја обнови довербата во политичарите и дека сака да донесе „професионални и чесни луѓе на власт“. Се залага за влез на Украина во ЕУ и НАТО, но таа одлука да биде поткрепена на референдум. Најави цврста борба против корупцијата и силно владеење на правото.

Тој е роден на 25 јануари 1978 година и обајцата родители му се Евреи. Неговиот татко е универзитетски професор, а неговата мајка е инженер. Дипломирал на економскиот универзитет во Киев, женет е и има две деца.

Зеленски денеска бил казнет со помала парична казна, зашто го покажал своето гласачко ливче пред камерите. Висината на казната не е објавена јавно, но се смета дека не е повисока од 30 долари.

Досегашниот претседател Порошенко го призна поразот и му честиташе на победникот. Во говорот пред своите приврзаници тој рече дека ќе се повлече од сите функции, но потенцираше дека нема да се повлече сосема од политиката: „Ќе останам во политиката и ќе се борам за Украина“, рече 53-годишниот Порошенко. Неговата партијата претходно соопшти дека сега ги има во фокус парламентарните избори во октомври. „Потребни ни се заеднички напори за да ја одбраниме земјата“, нагласи Порошенко, кој постојано предупредува од опасноста од руска агресија врз неговата земја.

Инаку, украинскиот претседател има значајни овластувања, посебно кога станува збор за безбедноста, одбраната и надворешната политика.