Време на пропаганди, цензури и имприматури – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Човештвото е на почетокот на, оксиморонично кажано, „новиот Среден век“.  Имено, денес особено, треба да се има во предвид дека уште во 1623 година, папата Урбан VIII формирал „Организација за ширење на католичката вера“ (Congregatio de propaganda fide) со цел да се врши дејност со која се распространува и шири христијанската идеја, односно дејност со која се влијае врз населението со цел тоа да ги прифати религиските догми. Денес, оваа католичка иновација е доведена скоро до совршенство и со оглед на неограничените технички можности за масовно ширење може да се зборува за постоење на тотална пропаганда.

Александар Литовски

Натаму, особено денес, треба да се има во предвид дека одамна постои и до денешен ден функционира цензурата, која, всушност, е авторитарно ограничување, или забрана на јавно изразување на ставови „опасни“ за моќта на авторитетот, или за функционирањето на воспоставениот општествен и морален поредок. Со неа, од центрите на моќ, се вршат интервенции за да се спречи протекување во јавност на информации кои нив би ги прикажале во негативно светло, а нивните, воени, политички, религиозни или идеолошки противници, во позитивен контекст.

Цензорите давале и даваат одобрување, кое се нарекува имприматур, за нешто да може да излезе во јавност. Фактички, во денешни констелации, цензорите со имприматурот потврдуваат дека нешто е во согласност со неолибералниот политички, идеолошки, културен и морален катехизис и даваат одобрение тоа да може да биде присутно во јавноста. Доколку нешто нема таков имприматур, тогаш или никогаш нема да биде јавно презентирано, или ќе биде жестоко сатанизирано и деградирано. Денес, имприматур се добива од финансиските, институционалните и политичките авторитети. Секако, јасно е дека постои и „дигитален имприматур“, кој е систем на цензура на интернет и кого го практикуваат големите социјални мрежи, кои попатно кажано се во сопственост на некои крупни капиталисти, кои пак се животно заинтересирани за заштита на неолиберализмот и глобализмот.

Инаку, цензурата може да биде морална, политичка, верска, воена, новинарско-медиумска, корпоративна… Таа може да е превентивна или казнена. Видлива или невидлива. А, секако, во врска со сите овие постои и автоцензура. Но, нужно е, веднаш тука, да се разјасни околу невидлива цензура, затоа што таа е најраспространета и најмногу се користи за манипулацијата дека „западните демократии“ и нивните медиуми од типот на Ројтерс или Би-Би-Си, не користат цензура и се некакви објективни медиуми. Всушност, се работи само за тоа дека тамошната цензура е многу суптилна и тешко може да се распознае и препознае манипулацијата со лагата и вистината. Имено, треба да се има предвид дека секој „проект“ кој треба да се реализира бара некаква финансиска поддршка од државата или финансиските моќници, а тие, разбирливо, ги штитат своите политички и идеолошки интереси. Затоа, всушност, сè поминува низ ситото на оваа финансиска цензура и добива одобрение за да биде реализирано и јавно презентирано. Токму ова, јавно и нималку завиено, го разголуваше еден од најголемите филмски режисери во минатиот век, Французинот Ив Боасе, кога зборуваше дека во Франција, преку начинот на финансирање се врши „тивка цензура, безбојна, без мирис“ и дека тоа е „систем на цензура кој е најефикасен“.

Освен тоа, на секого кој има малку разум му е јасно дека постоењето на целиот систем на медиуми во пазарна економија зависи од крупниот капитал, па оттаму или директно, или преку автоцензура на вработените „надничари“, сè е подредено токму на заштита на финансиските, политичките и идеолошките интереси на буржоазијата и нејзиниот општествено-економски систем. Тие големосопственици не само што го даваат завршниот имприматур што ќе биде јавно презентирано во медиумите и воопшто на општествената и културна сцена, туку, без никакви дилеми, тие одредуваат што воопшто ќе постои и „работи“ од медиумските платформи и општествените и културните институции. 

Францускиот писател и некогашен новинар на „Ле монд“, Серж Халими во книгата „Новите кучиња чувари“, на еден уверлив начин направил анализа на механизмите за контрола и на злоупотребата на новинарите и медиумите од страна на големите корпорации и државните органи. Таа книга не остава никаков простор за негување на илузии дека новинарите во големите медиуми низ светот имаат некаква независност и дека се непристрасни. Всушност, Серж Халими покажа, а не е ни прв, ни последен, дека огромното мнозинство новинари, преку финансиската зависност од капиталот, се претворени во бедни камелеонски креатури, во корумпирани рекетари, во „кучиња чувари“ на воспостановениот светски поредок. Тие, всушност, се обични труби една неолиберална идеологија и политика и настапуваат од позиција на сила, а се користат со безбројни подметнувања, со непринципиелни ставови и непрегледно море од безобѕирни лаги. Впрочем, и еден Џон Свинтон, уредник на „Њујорк Њус“ има искрена изјава: „Ние сме орудија и вазали на богатите… Ние сме марионети… интелектуални проститутки.“

Живееме сите ние во едно ужасно хаотично време на масовна хистерија, антихуманизам и фашизам, време на пропаганди, цензури и селективни имприматури, време во кое што се стеснува слободата на мислата, слободата на зборот, слободата на изнесување на ставови, време во кое се ограничува слободата на размислување, време кое не дозволува интелектуални предизвици… Слободата е под будното око на судот втемелен врз доминантниот културен, идеолошки и политички хегемонизам од западноевропските центри на моќ. Во едно такво „ново средновековно време“ како што ќе расте цензурата на мислата и зборот, така ќе расте слободата на нагоните и ќе се множат насилствата и војните. Луѓето со провизорен морал, како што ги именува проникливиот Рене Декарт, кои се на платен список на најголемите геополитички и финансиски авторитет во денешниот свет, велат дека нивната цензура е морална, а туѓата, онаа на нивните противници, на сиромашните, експлоатираните, обесправените, слабите е неморална. И тој недоследен, некохерентен, апсурден став јавно го изнесуваат и се гордеат со него, што е чиста, не само морална, не само политичка, туку и логичка перверзија. Овие денешни цензори, преку задушувањето на критиката на неолиберализмот и неговиот неморал, всушност го бранат претворањето на светот во безмерна антихумана пустош, бескрајно културно ѓубриште и недогледива урбана урнатина. Затоа, познавањето, препознавањето и осудата на неолибералното планетарно зло е хумана должност и јавен интерес кој треба да биде секојдневно промовиран.