Нашите нови врховисти, кои се или платени агенти на соседните тајни служби, или директни потомци на старите врховисти, продолжија да ја играат срамната антимакедонска улога на петта колона, во пропагандната војна против Македонија и обидите за одродување на Македонците. Сега, сè почесто, од овие антимакедонски експоненти слушаме дека мораме да ѝ ја отстапиме „историјата“ на Бугарија и да се прилагодиме на нејзините аморални и антинационални уцени заради преговарачкиот процес во, наводно, „стратегиското и безалтернативното“ влегување во ЕУ. Тие, одново и одново, сè почесто, и понатаму ќе нè убедуваат дека дузина прононсирани бугараши и јасно самодекларирани Бугари од типот на Димитар Талев, Венко Марковски или Тодор Александров, се најголеми и најзначајни личности од Македонија, па дури и дека некој во Македонија не само што ги затскривал и забранувал, туку тоа и понатаму го прави. Ваквите глупави пропагандни блебетења се целосно наспроти реалноста, што пак најдобро може да се забележи од тоа што сета врховистичка „културна елита“ од македонската петта колона, на разни начини, веќе е промовирана во Македонија, та нивните дела се печатени, нивните театарски претстави веќе се изиграни низ македонските театри, нивни споменици никнаа низ македонските градови, нивните слики висат по македонските музеи, за нив се снимаа документарни филмови, илјадници страници се испишаа низ македонските медиуми и литература… Човек, за жал, слободно може да заклучи дека за одродените македонски културни дејци кај нас е повеќе зборувано и пишувано, отколку за некои од вистинските основоположници и градители на македонската државност и култура, како што се, на пример, Петре Богданов-Кочко, Илија Џувалековски, Коле Чашуле, Блаже Ристовски, Илија Милчин, Никола Мартиновски, Димитар Митрев… За нив нема ниту книги, ниту слики по музеите, ниту споменици, ниту медиумите им обрнуваат било какво внимание.
Ревизионистичката историографија пишувана од врховизираната петта колона е националшовинистичка, агресивна и лажна. Така, некои личности и настани чии контури во маглата на времето одвај се гледаат, а за кои документацијата е сосема оскудна и еднострана, ги опишува и претставува преку најбанален репортерско-новинарски начин и ги претвора во „големи македонски борци“, иако тие, фактички, биле само „мали“ борци за туѓа национална кауза. Под флоскулата „историска вистина“, врховизираната петта колона, сè почесто, ни нуди „откривање“ и парафразирање на минатовековните текстови за врховизираната ВМРО печатени во Бугарија. Секако, ваквата историографија не може ништо реално да каже за тие денови на налудничава македонска анархија, во која под патронат на балканските царски дворци се случувал општомакедонски терор, масовно самоистребување и сурова пропагандна војна за денационализација и асимилација на Македонците. Бугарско читање на македонската историја е неинвентивно препишување на излитени комитско-кичерски романтики, со проѕирна намера за ситно врховистичко криумчарење на очигледни невистини и националистички алузии. Овој театар со антимакедонски мртви кукли, никој национално самосвесен Македонец и никој нормално разумен човек не може да го сфати и прифати како „вистинска македонска историја“.
Антикомунистичката и профашистичката „инспирација“ на петоколонашките глупости и поимот „историска измама“ се – синоними. Всушност, во врховистичките измами сè, а, особено, претставувањето на македонското минатото, е претворено во стока за заработка и во оружје за македонско национално одродување. Врховистичката антимакедонска пропагандна „метода“ ја травестира вистината, ги фалсификува настаните и процесите, и од дивиот, примитивен, царфердинандов и царборисовски варварски антимакедонски хаос, креиран и со помош од врховистичките бандити околу Татарчев, Гавранов, Матов, Александров и Михајлов, произведува „светци“ на актуелниот политички и национален „иконостас“, преку што ја труе историската свест и националистички ја бранува општествено-политичката сцена. Фактички, колку и да се митологизира и разубавува тоа крваво врховистичко минато, сепак останува она што е: време на константно ѕвонење на пропагандните антимакедонски камбани, време на непрегледни и бесмислени меѓумакедонски колежи, време на велепредавства и дворски завери, време на македонско впрегнување во остварување на туѓородните идеали и националистички соништа, време на неизвесности и страдања, време кое не само што не произведе ништо трајно и значајно за македонската национална идентификација, туку нејзе ѝ нанесе огромни антимакедонски лузни. Сета таа врховистичка историја продавана од денешната полуписмена петта колона е, фактички, историја на антимакедонизмот, на себеобесчестувањето и себеодродувањето.
Наспроти антимакедонската митологија на врховизмот завиткана во „целофан од македонски патриотизам и антикомунизам“, нашата македонска вистина треба да одговара на идеалот на објективност, на логичката доследност, и да е раководена од силна национална самосвест. Таа наша вистина треба да може разумно да се смести во некогашната и сегашната стварност, со кои била и е поврзана и од кои била и е условена. Едноставно кажано, нашата македонска вистина треба да се совпаѓа со стварноста, некогашна и сегашна, по критериумот на усогласеност. А нашата држава, која, сè уште, е македонска, треба да почне да го спречува агресивното дејствување на врховистичката петта колона и да ги поттикнува и развива македонските национални културни процеси.