Втор регионален настан во Штип “Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран”

Сподели

 

Како дел од активностите на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија, денес се одржа регионален настан во општина Штип каде беа поканети претставници од училишта, општини, невладини организации, општествено одговорни компании и семејства на ученици со попреченост кои посетуваат редовно образование. На настаните воведни обраќања имаа претставници од проектот каде беа презентирани проектните активности и резултати кои се спроведени во овој регион со особено внимание на влијанието кое проектот го има во подобрување на пристапноста и инклузијата во училиштата. Исто така, свое обраќање имаше и градоначалникот на општина Штип, г-н Иван Јорданов, кој ги информираше граѓаните за активностите кои се преземаат на полето инклузија и идните планови на општината за целосно вклучување на лицата со попреченост во општеството.

 

 

Во рамките на овој настан се одржа и дискусија за состојбата на образованието во регионот како и изложување на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат семејствата, училиштата, институциите и општините. Се разговараше и за улогата на локалните здруженија, институции и поединци, степенот на нивната меѓусебна комуникација и соработка во однос на важните аспекти за сутинско вклучување на лицата со попреченост во образовниот процес, но и во сите други општествени текови.

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ се заложува за квалитетно и инклузивно образование со цел секое дете да има еднакви можности за развој, учење и остварување на своите потенцијали. Проектот го спроведуваат Фондацијата „Чекор по чекор“, заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“, а се реализира вo соработка со Министерството за образование и наука.

Во рамките на проектот се доделија стипендии на повеќе 470 ученици со попреченост кои се запишани во основни училишта, а повеќе од 150 од овие ученици добија и туторска поддршка. Се поддржуваат наставниците, инклузивните тимови и образовните асистенти преку обуки за професионален развој каде повеќе од 430 вработени во училиштата учествуваа во обуки за поддршка на процесот на подучување ученици со попреченост. Се работи и на подобрување на пристапноста и инклузивноста и 43 редовни основни училишта се подобрени условите за образование на учениците со попреченост преку обезбедување на 22 сензорни соби, 3 сензорни катчиња, 1 сензорна градина, 1 уред за мобилност низ училишната зграда, 1 пристапен тоалет, 10 инклузивни игралишта и 5 пакети дидактички, сензорни и асистивни средства и помагала.