Вуцис, неговиот говор го започна повикувајќи се „на најуспешниот пример за добрососедски односи, склучувањето на Договорот од Преспа меѓу Грција и Северна Македонија“.
-Покажавме дека кога постои неопходната политичка волја, државите можат на мирен начин да ги решаваат нивните разлики, врз основа на меѓународното правo и принципите на добрососедство. Од една страна, договорот ја создава соодветната рамка за целосен развој на нашите билатерални политички и економски односи со Северна Македонија во корист на нашите народи. Нашите билатерални контакти на сите нивоа, веќе се чести и блиски и целиме кон создавање на целосен и модерен систем на соработка, рече претседателот на грчкиот Парламент, а се задржа и на минатонеделната посета на Алексис Ципрас на Скопје.
Рече дека Договорот од Преспа „го отвора патот за евро-атлантска и европска перспектива на Северна Македонија“, но и дека се отстрануваат пречките за соработка, „давајќи ѝ можност на Југоисточна Европа да има корист од иницијативите за развој, како што се кинеската „Οne belt-Οne road“ и американските економски и енергетски проекти за регионот“.
-Важноста на овој договор е признаена од целата меѓународна заедница, почнувајќи од ЕУ и би сакал да ви се заблагодарам, драги колеги и за вашиот охрабрувачки став, како и за соодветното јасно споменување во текстот на Декларацијата што ќе ја усвоиме на нашиот состанок. Но, освен признавањето преку изјави и декларации, ЕУ сега е повикана да преземе одлучувачки чекор и да донесе клучна одлука за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија, истакна pретседателот на грчкиот Парламент за време на неговото обраќање, пренесе МИА.
Вуцис се задржа и на европската перспектива на регионот, рече дека за Грција главен приоритет е интеграцијата во ЕУ на земјите од Западен Балкан.